ДЗС: Пописот регистрираше 18.897 неписмени лица, 23.192 граѓани без образование, најмногу има со средно

Државниот завод за статистика денеска објави трет сет на пописни податоци кои се однесуваат на образовните и економските карактеристики на лицата, лицата со попреченост и дел од карактеристиките на живеалиштата и становите.

Според објавата на ДЗС Пописот 2021 покажал дека во вкупното резидентно население на возраст од 15 години и повеќе, според писменоста, регистрирани се 18 897 неписмени лица или 1.2 % , од кои најголем дел се жени – 13 380, a 5 517 се мажи.

Според највисокиот степен на школска подготовка, во вкупното резидентното население на возраст од 15 години и повеќе, регистрирани се: 23 192 лица или 1.5 % без образование, 62 129 лица или 4.1 % се со незавршено основно образование, 423 456 лица или 27.8 % се со основно образование, 672 375 лица или 44.1 % се со средно образование, 263 349 лица или 17.3 % се со високо образование, 29 654 лица или 1.9 % се со магистратура, 6 037 лица или 0,4 % се со докторат, а 45 174 лица или 3.0 % се со непозната школска подготовка.

Пописот покажа дека според видот на највисокиот степен на школска подготовка, во државава најмногу се инженери од разни струки, а најмалку информатичари – 189 736 лица или 18.7 % се од областа Инженерство, производство и градежништво, а само 19 044 лица или 1.9 % се од областа Информатичко-комуникациски технологии.

Во вкупното резидентно население на возраст од 5 години и повеќе, кои се во процесот на формалното (редовно) образование најмногу има ученици во основно образование, околу 100.000 помалку се во средно училиште односно 186 570 лица или 10.7 % посетуваат основно образование, 80 378 лица или 4.6 % се во средното образование, додека 93 804 лица или 5.4 % се во високото образование, на магистратура и на докторски студии.

Пописот покажа дека вкупното работоспособно население на возраст од 15 години и повеќе изнесува 1 525 366 лица, од кои 717 769 лица се дел од активното население , односно 608 520 лица се вработени, а 109 249 лица се невработени. Бројот на неактивните лица изнесува 768 549.

Според највисокиот степен на школска подготовка, најмногу невработени, 56 701 лице се со средно образование од кои 34 313 се мажи и 22 388 се жени.

Според дејноста, најмногу вработени, 123 347 лица, има во Преработувачката индустрија од кои 65 751 се мажи и 57 596 се жени.

Во вкупното резидентно население, бројот на издржуваните лица изнесува 450 766.

Во вкупното резидентно население бројот на лицата со попреченост изнесува 94 412 и тоа: 1.8 % на возраст од 0 до 14 години, 43.5 % на возраст од 15 до 64 години и 54.8 % на возраст од 65 и повеќе.

Според видот на попреченоста, најголемо учество од 40.8 % или 38 499 имаат лицата со потешкотии со движењето.

Во државава, според пописот 2021 има вкупно 839 174 станови, од кои поголемиот дел – 531 987 станови или 63.4 % се населени, а 307 187 станови или 36.6 % се ненаселени.

Back to top button
Close