ДЗСИ: Никогаш не беше наведено дека починатите од ковид-19 мора да се погребуваат во лимен сандак
Протоколот за погреб на лица починати од ковид-19 отсекогаш е ист и никогаш не било наведено дека тие мора да бидат погребувани во лимен сандак, вели директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат Ирина Сотирова-Бухова.
Таа понатаму вели дека ДЗСИ нема надлежност да утврдува дали имало злоупотреби од страна на погребните претпријатија за досегашната пракса за закопување на починатите од ковид-19 во лимени сандаци.
„Протоколот отсекогаш е ист и никогаш не било наведено дека починатите од ковид-19 мора да бидат погребувани во лимен сандак. Но, по ова ДЗСИ нема ингеренции да постапува. По Законот за погребални услуги, кој е во ингеренции на Министерството за транспорт и врски, постапуваат други институции“,
рече Бухова.
Ова прашања се актуализираше во јавноста откако Владата на вчерашната седница донесе заклучок во врска со тоа како ќе се погребуваат лицата починати како последица на ковид.
Како што се наведува во одлуката, Владата го прифатила заклучокот на Комисијата за заразни болести, според кој погребните претпријатија да се придржуваат до Протоколот за овие случаи, во кој не е задолжително тие да се погребуваат во затворен и залемен метален сандак.
Уште се додава дека ниту во Правилникот за условите и начинот за закопување, ископување и пренос на умрено лице нема ваква обврска.
Претходно, во јавноста беа обелоденети многу примери во кои граѓаните се жалеа за високите цени за погребните услуги за лица починати од ковид-19, кои освен за другите трошоци, дополнителни суми плаќаа за лимени сандаци.