Џеј-Ди Венс во пораките за воени планови:„Мразам повторно да ја спасувам Европа“
Главниот уредник на Атлантик Џефри Голдберг тврди дека бил додаден во група на апликацијата за пораки Signal во која клучни луѓе на Трамп планирале напад врз Хутите во Јемен.
Во петокот, на 15 март, светот дозна дека Американците ја бомбардираат бунтовничката група, а Голдберг вели дека знаел за тоа цели два часа порано.
Голдберг тврди дека министерот за одбрана Пит Хегсет му испратил порака со детални планови за напад точно во 11:44 часот. Во пораката се наведени целите, видовите оружје и точното време на нападот. Главниот уредник на Атлантик не ги објави техничките детали за нападот бидејќи, како што вели, тој може да компромитира одредени луѓе во американската војска и во крајна линија не е од јавен интерес.
Сепак, она што е од јавен интерес, посочи тој во интервју за Си-Ен-Ен, е огромната грешка што ја направија клучните луѓе на Трамп кои го оставија во групата за внатрешни комуникации.
Така, меѓу пораките во групата можеше да се прочита и противењето на потпретседателот на Трамп, Џеј-Ди Венс, на самиот напад. Тој рече дека не му се допаѓа идејата за „повторно спасување на Европа“.
Американскиот министер за одбрана Питер Хегсет претходно рече дека нападите, кои погодија повеќе цели во текот на три дена, почнувајќи од 15 март, се дел од „немилосрдната“ кампања што ќе продолжи се додека Хутите не престанат да ги напаѓаат трговските бродови во Црвеното Море – витален поморски коридор.
Голдберг наведува дека Венс во разговорот рекол оти верува оти нападите се „грешка“, посочувајќи дека само 3% од американската трговија поминува низ Суецкиот канал, додека европската трговија зависи од оваа рута со учество од дури 40%.
„Постои реална опасност јавноста да не го разбере ова и зошто е потребно. Најсилната причина за нападот е, како што рече претседателот, да се испрати порака“, наводно напишал Венс.
„Ако мислите дека треба да нападнеме, во ред. Само мразам повторно да ја спасувам Европа“.
Тој додаде дека не е сигурен дали претседателот Трамп е свесен колку овие напади се некомпатибилни со неговата сегашна порака до Европа, истакнувајќи дека нападите може да предизвикаат пораст на цената на нафтата. „Подготвен сум да го поддржам консензусот на тимот и да ги задржам моите сомнежи.
Хегсет, наводно, подоцна рекол дека извршувањето на нападот ќе испрати порака на решителност.
Во тој момент во разговорот се вклучил и претходно немиот корисник со иницијали „С М“.
„Како што разбрав, претседателот беше јасен: зелено светло, но треба наскоро да им ставиме до знаење на Египет и на Европа што очекуваме за возврат. Исто така, треба да сфатиме како да го условиме тоа.
Пораката од „С М“ – за која се верува дека е испратена од Стивен Милер, заменик-шеф на кабинет на Трамп и близок соработник на претседателот – де факто стави крај на понатамошната дискусија во групата.
Последната порака на денот дојде во 9:46 часот од „Пит Хегсет“, кој едноставно напиша:
„Се согласувам“.
Главниот уредник на Атлантик вели дека следниот ден се случил нападот врз Хутите и дека луѓето на Трамп си честитале во групата за успешната операција.