Ќе ги бараме печатите,ќе се жалиме за незаконско разрешување најави адвокатот на директорката на демирхисарската гимназија

Директорката на гимназијата во Демир Хисар, Маја Лозановска, денеска го подигна решението за разрешување донесено од градоначалникот Никола Најдовски и најави дека ќе го обжали. Нејзиниот адвокат, Жаре Стеваноски, до Основното јавно обвинителство  во Битола ќе поднесе барање за враќање на печатите, кои вчера Лозановска ги подигна од училишниот сеф и ги предаде на полицијата, која пак  требаше да ги достави до Oбвинителството.

  • Во текот на денот до ОЈО Битола ќе поднесеме барање за враќање на одземените печати, бидејќи нема никакви промени во Централниот регистар. Согласно член 8-а од Изборниот законик, сите постапки за именување и разрешување функционери се запрени. Очекуваме печатите да бидат вратени за непречено да се одвива наставно-образовниот процес и подготовките за почетокот на учебната година, изјави Жаре Стеваноски, адвокат на Лозановска.

Градоначалникот Најдовски ја разреши Лозановска на 6 август и за в.д. директор ја назначи Јамина Дамчевска.

Лозановска не го прими решението бидејќи беше на боледување. Откако новата директорка не ги пронајде печатите, во петокот доцна вечерта полицијата изврши претрес во домот на Лозановска и во службените простории на училиштето.

При акцијата, полицискиот началник инсистираше таа  на носилки, да биде спроведена на информативен разговор.

МВР го оцени тоа како непрофесионално однесување и најави негово разрешување. По завршувањето на боледувањето, Лозановска  се јави на разговор во полицијата, а вчера печатите ги предаде  на истражните органи.

Back to top button
Close