Ќе го најдат ли Георгиев и Муцунски тоа што спојува?

 

„Во Северна Македонија информираат за новата бугарска влада низ нивната призма на преговори поврзани со европската интеграција на земјата“, објави БТА, пренесувајќи ги изјавите и очекувањата во македонското општество.

На домашен терен, секако, во преден план е интересот за новиот шеф на бугарската дипломатија, Георг Георгиев (33), десет години претседател на младинската организација на ГЕРБ, а на последните избори избран за пратеник од Перник.

Инаугурација на новата влада на Бугарија
Инаугурација на новата влада на БугаријаФотографија: BGNES

„Огненото крштевање“ во ресорот тој го имаше на 26 години (2017 година), кога без никакво искуство во дипломатијата стана заменик-министер за внатрешни работи во мандатот на Екатерина Захариева. И сето тоа откако на изборите истата година не успеа да стане пратеник. Но, бугарски медими потсетуваат дека тој добро знаел кому треба да му бакне рака – најбуквално, посочувајќи го видеото снимено таа година за време на зимскиот универзитет на младинската органиција на ГЕРБ одржан во Сандански. Тогаш Георгиев ја бакнува раката на партискиот лидер Бојко Борисов, откако истото го прави и тогашниот заменик-претседател на партијата, Цветан Цветанов. Според објаснувањето тоа се случило на празник, кога традиционално се барала прошка од родителите и повозрасните – со бакнување рака. Не недостигаа коментари дека така се бакнува и рака на „кумот“ во некои поинакви кругови.

Во случајот Георгиев-Борисов е воспоставено традиционално кумство во 2022 година, кога лидерот на ГЕРБ станал венчален кум на Георг и неговата избраничка. Не само што станал кум, туку, како што објавија дел од медиумите, Борисов и го стимулирал озаконувањето на врската меѓу младите, со шеговите забелешка до Георг: „Нели знаеш дека не поднесувам беззаконие околу мене”.

Тоа што тогаш сведочело за духовитоста на Борисов и неговиот „татковски” однос кон младите кадри на партијата, денес сведочи и дека негов кумашин го раководи ресорот надворешни работи.

Генерацијата на млади политичари

Она што е заедничко за Георгиев и за шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски (35) е дека и двајцата припаѓаат на генерацијата млади политичари. Муцунски синоќа објави дека телефонски разговарал со новиот шеф на бугарската дипломатија, со оценка дека разговорот поминал во пријателски дух.

„Имав прв пријателски телефонски разговор со Георг Георгиев, новиот министер за надворешни работи на Бугарија. Му честитав за назначувањето и ја изразив нашата решеност да го зајакнеме партнерството, да ја унапредиме соработката и заеднички да придонесеме за регионалната стабилност и заеднички напредок“, напиша Муцунски на неговиот профил на Икс.

Георгиев при вчерашното преземање на функцијата, изјавил дека за него враќањето во МНР „е посебен момент, не само во однос на кариерата, туку и на личен план”.

„Благодарен сум што гледам толку многу познати лица и што Министерството за надворешни работи во едни тешки и турбулентни времиња достоинствено и почит го зачува образот на државата со достоинство и почит, како што сите ние, Бугарите, сакаме да го видиме“, изјавил Георгиев.

Како што е објавено на веб-страницата на бугарското МНР, тој му се заблагодарил на претходникот Иван Кондов за резултатите на службениот кабинет постигнати на надворешнополитички план.

Ќе има ли нова траекторија?

Наредниот период ќе покаже по каква траекторија ќе се движат двете соседни земји во меѓусебните односи. Зашто, доколку се прават заклучоци само врз основа на она што претходно било кажано, нештата не изгледаат розови.

На пример, по изјавата на претходниот премиер Димитар Ковачевски дека „дискурсот што Бугарија го користи кон Северна Македонија за жал е многу сличен на дискурсот што го користи Руската Федерација кон Украина“, Георгиев од името на ГЕРБ-СДС изјави: „Ако денес, на некој начин, некој се осмели да нѐ спореди со Руската Федерација, тогаш мораме многу сериозно да им обрнеме внимание и да издадеме предупредување, но ова предупредување мора да биде и до нас самите, бидејќи во наши раце е алатката преку која ние можеме да се справиме и да ја исправиме оваа неправда“.

Во објава на Фејсбук тој го потсети Ковачевски на седум факти: дека Бугарија во 1992 година прва ја признала независноста на Македонија; во 1999 година двете земји склучилe Декларација за добрососедски односи; во 2017 година склучиле Договор за пријателство, добрососедство и соработка; во 2018 година Бугарија го започнала процесот на проширување на ЕУ кон земјите од Западен Балкан, со особена активност во однос на РСМ; Бугарија го отклучила процесот за склучување на т.н. Преспански гогвор кој ѝ овозможил на РСМ да влезе во НАТО; И покрај бројните провокации, бугарскиот парламент покажал политичка мудрост и го укинал ветото за прием на РСМ во ЕУ.

Георгиев во април 2023 година (заедно со неговата сопартијка Деница Сачева) побара да му се суспендира правото на Александар Николоски да говори на заседние на ПССЕ од името на ЕНП. Ова се случи откако Николоски (кој во јануари 2022 беше избран за потпретседател на групата на ЕНП во Парламентарното собрание на Советот на Европа), во обраќање на заседанието на ПССЕ посочи дека „Бугарија не е посветена на своите обврски како членка на Советот на Европа и со години одбива да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права”.

Георгиев го обвини Николоски дека ја злоупотребил процедурата, затоа што изразил негов, и став на неговата партија, и побара да му се суспендира правото да говори од името на ЕНП.

Во архивите може да се најдат и многу други изјави, кои не излегуваат од „шинелот“ на конфронтации околу третманот на историјата низ бугарска призма.

Некогаш Македонија и парите, сега парите

Како ќе се развиваат односите не зависи само од една личност или еден ресор, а новата бугарска влада е плод на еден многу хетероген состав од партии кои до вчера беа жестоки опоненти. Борисов токму во тоа го гледа клучниот квалитет (тие партии направиле многу жртви за земјата конечно да добие влада), а опозициските партии во тоа гледаат нови причини за нестабилност и кавги откако ќе помине медениот месец и ќе почне да се дели „колачот“.

Во владата е и партијата ИТН на Слави Трифонов, кој во 2022 година критикуваше за компромиси направени со Македонија и за недостиг на пари во буџетот, по што ја напушти владејачката коалиција и отвори пат за паѓање на владата на Кирил Петков.

Сега, објаснувајќи зошто ИТН влегла во владата (заедно со ГЕРБ, иако водеше анти-ГЕРБ политика), Трифонов на Фејсбук објасни дека „грдата вистина е дека државата е пред банкрот“ и праша: „Знаете ли што значи да недостасуваат 18 милијарди од буџетот?”

Бившиот министер за финансии, Асен Василев, ги деманатираше тие наводи како целосно неточни.

„Ако му треба оправдување зошто влегол во владата, нека го бара на друго место. Не во Македонија, и не во 18-те милијарди“, одговори Василев од опозициската ПП.

Интересно е што сегашниот премиер Росен Желјазков, лани во април беше разрешен од функцијата претседател на Собранието, и тоа само еден ден пред последната редовна седница на парламентот, (бидејќи почнуваше кампањата за јунските избори), а за неговото разрешување гласаа БСП и ИТН, кои денес се заедно во владина коалиција на чело со Желјазков.(dw)

Back to top button
Close