Ќе има ли правда во Македонија?

Почитувани чиатетели, во денешната колумна посветена на стечајот на Еуростандард банка, сакам да споделам со вас фрагменти кои што ја отсликуваат македонската реалност.

Како лојален граѓанин на Република Македонија, стопанственик и филантроп, лично преживувам голгота заради големата неправда нанесена врз мене и моето семејство.

Официјално, Основното јавно обвинителство и натаму води истрага против мене за стечајот на Еуростандард банка, во период од речиси 4 години. За сето ова време на распит бев повикан само еднаш.

Основното јавно обвинителство во дадениов момент без аргументи ме сомничи за криминални активности кои што ниту во сон не можам да ги замислам, а не па да ги сторам.

Каде ги гледам деструктивноста и правните слабости во нашето секојдневие на еден нефункционален систем? Секојдневно сум во комуникација со моите сограѓани, било преку социјалните мрежи, било преку физички контакт во кафулиња, ресторани, спортски, музички и културни настани. При било каква средба чувствувам длабока почит која што многу ми значи. Мило ми е и кога на наплатните рампи низ автопатиштата низ цела Македонија, па и на граничните премини кон Грција, Албанија, Србија и Бугарија, доживувам убави моменти на препознавање и пријатна, спонтана комуникација, а најмногу ми значат комплиментите за моите добри дела во сите сфери од животот во нашата Македонија.

Ќе си дозволам да заклучам дека меѓу мојот народ ја уживам почитта поради мојот јавен, хуман ангажман и она што го правам за мојата татковина. Од ниту еден не бев нападнат за било какво сторено дело.

Се прашувам, како е можно од државните институции во Македонија да бидам гонет за дела, кои што се за мене незамисливи, а моите сограѓани тоа не можат да го видат и прифатат како вистина.

Вистината за ваквата состојба е само една. Ние живееме во украдена, киднапирана држава од страна на поединци и групи, каде што правото и правдата се мисловни именки.

Со злоделото врз мене и оштетените, направено преку стечајот на Еуростандард банка, нема никогаш да се помирам и дозволам да биде неказнето.

Најнапред, Народна банка мора да го почувствува овој злостор врз своја кожа, на чело со Гувернерката Анита Бежоска. Како е можно да се носи банка во стечај кога се прескокнуваат од страна на Народна банка инструменти кои служат за стабилизаија не само на мојата банка туку на сиот банкарски сектор?

Од четирите клучни инструменти кои што ги има Народна банка на располагање, а тоа се: редовни мерки, вонредни мерки, администрација и стечај, во случајот со Еуростандард банка беа користени само редовни мерки и стечај. Вонредните мерки, како изречување на сериозни казни и одземање на лиценци на членови на Управниот, Надзорниот и директори на сектори на банката, не се користеа.

Администрацијата, како клучен инструмент за Народна банка да утврди дали банката да ја однесе во стечај или пак да ѝ се даде живот, беше прескокната.

Самиот стечај беше обзнаен на 12 август 2020 година, веднаш по завршувањето на вонредната состојба од пандемијата Ковид-19 и после завршување на предвремените парламентарни избори каде не беа коституирани Собрание и Влада на Република Македонија.

Самиот стечај беше реализиран како филмско сценарио. Главната дирекција и цирка 340 експозитури беа затворени во рок од половина час! За ваква акција е потребен ангажман од над 1000 луѓе и сериозна организација.

Севкупното раководство на Еуростандард банка, како Надзорен одбор, Управен одбор, директори и останати вработени во банката, беа тотално изненадени со оваа одлука на Народна банка.

На само 5 месеци пред објавениот стечај, банката беше докапитализирана со нови 13,5 милиони евра, за што ние како акционери и семејство моравме да ја оттуѓиме најсилната осигурителна компанија, Еуролинк.

Цела година наназад пред стечајот, Народна банка ни го одзема правото да работиме со правни и физички лица, поради нивната ,,весела математика” за неадекватност на капиталот.

За време на вонредната состојба, која траеше цели 97 дена, ни беше одземено и правото од Техничката Влада за присилна наплата на доспеаните побарувања. Со еден збор, при одземеното право за работа со правни и физички лица и одземеното право за присилна наплата, ние бевме ставени на отстрел.

Народна банка одби да го прими, цели три месеци, потенцијалниот пратнер на банката кој беше спремен да учествува во нејзина докапитализација.

Секојдневно ургиравме во Народна банка потенцијалниот партнер да биде примен макар на кафе.

За жал, тоа не се случи.

Резимирам. Одлуката да се носи Еуростандард банка во стечај, веќе била донесена година дена наназад.

Причините за ваквата одлука, за човек како мене кој разумно размислува и оценува, се следниве:

1. Како акционери донесовме одлука да испаднеме од системот на позајмици кои масовно се применуваа во банкарскиот сектор, предводен од Комерцијална банка Скопје.

Поставивме нов Управен одбор кој доби задача да нѐ извлече од прегратките на Комерцијална банка.

2. Во истиот период на ваквата одлука Народна банка и госпоѓата Бежоска правеа притисок како банка да се споиме со Комерцијална банка. Следеа преговори со Комерцијална банка кои завршија неуспешно, бидејќи понудата од страна на Комерцијална банка во најмала рака беше смешна и несериозна.

3. Во моментот кога ја одбивме Комерцијална банка да се споиме со неа, следеше сериозен притисок од Народна банка и госпоѓата Бежоска, по секоја цена да ја продадеме осигурителната компанија Еуролинк, а средствата од неа да ги вложиме во банката. Ние тоа и го сторивме.

Очигледно е дека Народна банка правеше силни напори да го исцица сиот капитал кој го имавме како семејство и да нѐ уништи.

Кој стои зад госпоѓата Бежоска и Народна банка за носење на вакви аматерски, ступидни одлуки?

Ступидни се поради фактот дека денес сите правни и физички лица се обештетени или ќе бидат обештетени во најкраток рок, а средства во стечајната маса има и ќе има.

Кој ја предложи и постави госпоѓата Бежоска за Гувернер на Народна банка, личност на која очигледно макро-економските познавања и се лимитирани?

Тоа е сивата еминенција која денес владее во Република Македонија, која го контролира политичкиот, економскиот и целиот општествен живот во државата. Еминенција на која ѝ се потребни полтрони и извршители.

Не треба многу мудрост да се заклучи кои се тие луѓе. Нелуѓе.

Трифун Костовски

 

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close