Ќе има посебен фонд за парите од еколошката такса, најави Владата

Еколошката такса се воведува како механизам за прибирање средства за преземање мерки и активности за заштита и унапредување на животната средина, кои ќе бидат во посебен фонд за овозможување зелен развој на државата, порачаа денеска вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерот за финансии Фатмир Бесими на денешната редовна седница на Комисијата за јавно-приватен дијалог.

На средбата, како што информираат од владината прес-служба, Битиќи и Бесими го претставија концептот за воведување еколошка такса на нафтени деривати пред директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, директорот на Бирото за јавни набавки Борче Хаџиев, државната секретарка во Министерството за економија размена Чекиќ Дуровиќ и претседателите и извршните директори на стопанските комори, членки на Платформата за јавно-приватен дијалог.

„Објаснето е дека висината на еколошката такса од дериват до дериват се разликува и дека најголема такса се планира за деривати кои и најмногу ја контаминираат животната средина како што се бензинот, дизелот, екстра лесното масло и маслото за горење (мазут), за кои таксата ќе изнесува по 3,5 денари по литар, додека за безоловниот бензин, таксата изнесува 3,1 денари. Заштитата на животната средина и овозможување зелен и одржлив развој е еден од врвните приоритети на Владата и токму во таа насока средствата ќе се прибираат во посебниот фонд, а кои на годишно ниво би изнесувале околу 50 милиони евра, ќе се насочат токму во еколошки проекти“, велат од Владата.

Претставниците на Владата и на бизнис-секторот разговараа и за одредени аспекти од Законот за јавни набавки, особено што се однесуваат за третманот на ИКТ-набавките, како и за можности за поместување на рокови за извршување на договорни обврски, поради актуелните случувања со корона кризата.

Back to top button
Close