Џејн Фонда ќе добие Златен глобус за животно дело

– Американската глумица Џејн Фонда ќе биде наградена со Златен глобус за животно дело, поради „нејзиниот непобитен талент кој ѝ носи највисоки признанија“, како што подвлече Холивудската асоцијација на странски новинари (НФПА) – организатор на свеченоста. 
„Иако нејзиниот професионален живот претрпе многу потреси, таа секогаш ќе остане запомнета по непоколебливата посветеност на промените“, се истакнува во соопштението.

Фонда има впечатлива актерска кариера од веќе шест десетлетија. Доделувањето на наградата ќе се случи на годинешната свеченост во Беверли Хилс, Калифорнија, САД, на 28 февруари.

Оскаровката дебитираше на големиот екран 1960 година, а подоцна стана, според многумина – една од најсјајните холивудски sвезди, со филмови како „Барбарела“, „Девет до пет“ и „На златното езеро“… Нејзиното последно појавување беше во хумористичната серија на Нетфликс – „Грејс и Френки“.

Фонда е и добро позната како политичко-општествена активистка. Во 1960-тите, таа отворено се изјасни против војната во Виетнам… Актерката, која напиша книга за тоа како луѓето можат да бидат поактивни граѓани – беше уапсена неколкупати за време на протестите.

Таа неодамна беше активно вклучена и во кампањите против климатските промени.

Back to top button
Close