Ќе ни треба 15 години да станеме членка на ЕУ, повторуваме 30 години

Ова е просто неверојатно. Сте забележале ли дека триесет години повторуваме како не ни требаат избрзани решенија за нашите меѓудржавни спорови зашто и онака ќе ни требале барем петнаесет години за да станеме членка на ЕУ!? Триесет години зборуваме глупости. Ништо не научивме од грешките во четвртвековниот спор со Грција и сега ги повторуваме со Бугарија. Се некој друг ни е крив. Сопствените слабости не сакаме да ги знаеме. Ние сме за се во право. Вистината е само на наша страна.

Нема ништо што ние треба да поправиме во нашето поведение. Па ние направивме се а, сепак, не држат надвор, ламентираме во хор. Дури, ги отфрламе вековните законитости на меѓународната политика како да е тоа работа на избор за една држава. Па така, не прифаќаме дека, во меѓународната политика, силните го прават тоа што можат а слабите тоа што мораат; ги отфрламе научните истражувања кои покажуваат дека во над 80 проценти од конфликтите меѓу државите правото било на страната на посилниот; дека сојузите се формираат за да ги бранат интересите на своите членки а не оние на апликантите; дека постои вето; дека, како новодојденци на меѓународната сцена, ние треба да ѝ се приспособиме на веќе постоечките интереси и сили; дека нашиот наратив, историски и секаков друг, треба да се приспособи на европскиот и светскиот а не обратно …

Реалниот свет на меѓународната политика не нè интересира и одбиваме да го разбереме. Знаеме само да лелекаме над својата судбина. На екраните, уредниците и новинарите ги канат своите истомисленици да ни го објаснуваат спорот со Бугарија, оние што не мрднаа со прст да го решат спорот со Грција и останаа противници на компромисот од Преспа до ден денес. Никој не прозва некого за погрешната стратегија која и во услови на независност почиваше врз митот дека цела Македонија е наша етничка територија која ни ја зедоа Грците, Бугарите и Србите. Никој не пофали некого за исправна стратегија. Се минува. Брцавме прст во око на оние од чии глас зависиме во меѓународните односи. Единаесет години му пркосевме на светот со идеологизирана интерпретација на македонската историја и не се прашуваме дали, можеби, и денес грешиме барем во нешто.

 

Од каде ова лудило? За жал и ова поведение е една од универзалните вистини во меѓународната политика. Во деветнаесеттиот век, Џереми Бентам, авторот на кованицата „меѓународно право“, вака ја објаснува логиката на односите меѓу државите: „Ние сме секогаш во право без можност да биде поинаку. Доколку сме во право според судските норми кои важат меѓу две индивидуи, тогаш сме во право според правилата на правдата. Ако не сме, тогаш сме во право според законите на патриотизмот, доблест повеќе почитувана од правдата“. Всушност, заклучува Бентам, „неправдата, репресијата, измамата, лажењето и сите оние дејствија кои ги нарекуваме криминал, кога се прават заради личен интерес, стануваат доблест кога се прават во името на националниот интерес“. Значи, исти сме како Англичаните? Не баш. Кај нас неправдата, репресијата, измамата, лажењето, кога се прават заради личен интерес, допрва треба да станат криминал.

Back to top button
Close