Ќе останам советник на Трамп, рече Маск на заминување од Белата куќа
Илон Маск изјави дека ќе продолжи да доаѓа во Белата куќа и ќе остане пријател и советник на Доналд Трамп откако ја заврши својата работа во американската влада, каде што од јануари го предводеше Одделот за владина ефикасност (ДОГЕ).
На прошталната прес-конференција во Белата куќа, Маск доби од Трамп голем златен клуч во дрвена кутија, за кој претседателот кажа дека го дава само на специјални луѓе како благодарност од државата.
-Ова не е крај на ДОГЕ, туку негов вистински почеток. Очекувам наскоро да имаме заштеди од трилион долари – рече Маск.
Најбогатиот човек на светот и ДОГЕ ги предводеа напорите на Трамп за намалување на администрацијата и кратење на сојузните трошоци, при што беа отпуштени десетици илјади службеници.
Маск објави дека заминува од Белата куќа само ден откако го критикуваше новиот закон за буџетот, за кој кажа дека само ќе го зголеми дефицитот, против што се борел.
-Маск заврши фантастична работа. Многумина од оние кои работат во ДОГЕ остануваат. Имам чувство дека Маск не заминува вистински, туку ќе доаѓа и оди. ДОГЕ е неговото бебе – рече Трамп, додавајќи дека Маск направил колосална промена во начинот на работа во Вашингтон.