Ќе поскапи ли струјата? Владата ветува субвенции
На почетокот на зимата, кога се штелуваат новите цени на електричната енергија за домаќинствата, сите очи се вперени кон ЕСМ, кои треба да ја диктираат цената на струјата во Македонија.Колкава цена побарале од ЕСМ на годишниот тендер засега е тајна. Барањето е изнесено на затворена седница, поради што се третира како класифициран податок.

Сè додека не се заврши тендерот на ЕСМ за снабдување со електрична енергија за една година, цената која е дадена од страна на компанијата и Владата јавно нема да се објави.
Владата најавува субвенционирање за да избегне ценовен шок
Од Владата најавуваат дека и натаму ќе ја субвенционираат струјата за домаќинствата со цел да се избегне ценовен шок.
„Нема да дозволиме да се одрази врз стандардот на граѓаните“, порача премиерот Христијан Мицкоски.
Пазарната цена на електричната енергија во моментов е околу 100 евра, а за првпат се спроведува јавна набавка за цела година, посочи премиерот.
Актуелната цена по која ЕСМ ја продава струјата за домаќинствата е 62 евра за мегават-час.
Што велат ЕСМ и РКЕ за тендерот и тарифите?
Наскоро ќе се знае дали ќе се зголемат сметките за струја од 1 јануари наредната година. Премиерот на почетокот на ноември изјави дека не очекува драстично зголемување на цената на струјата од 10 до 15 отсто, како што е случај во повеќе земји од регионот и во Европа. Ако има корекција, таа би била од 1 до 3 проценти.
Од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) не очекуваат промени во делот што го регулираат – пренос и дистрибуција, кој учествува со 36% во вкупната цена.
„До крајот на ноември треба да донесеме цена за природните монополи што ги регулираме – МЕПСО, Електродистрибуција и МЕМО. Регулаторна заложба е да нема поместување од она што е сега, односно да нема зголемување. Компаниите мора да работат одговорно, рационално во рамките на она што го имаат“, велат од РКЕ за ДВ.
Во септември годинава се потрошени 373.518 MWh електрична енергија, 19,4 милиони кубни метри природен гас, 368.114 тони јаглен и 95.577 тони нафтени продукти. Според Државниот завод за статистика, 100% од потрошената електрична енергија е од домашно производство.
Производството на струја во септември 2025 е 4,9% поголемо од потрошувачката. Потрошувачката на природен гас е намалена за 15,5%, а нафтените продукти за 13,2% во споредба со септември 2024.
Блок тарифите пред Уставен суд – дали има дискриминација?
Во меѓувреме, блок тарифите што ги воведе РКЕ се на дневен ред на Уставниот суд, кој наскоро треба да ја разгледува иницијативата на Борче Ѓузелов. Според иницијативата, разликата меѓу првиот и четвртиот блок е 400%, што создава нерамноправна положба на потрошувачите. Како пример: цената во првиот блок е 4,4376 денари/kWh, а во четвртиот 18,3035 денари/kWh.
РКЕ достави стручно мислење до Уставниот суд и нагласи дека ќе ги почитува неговите одлуки. „Не ги коментираме одлуките на Уставниот суд и истите ќе ги применуваме“, велат од комисијата за ДВ.






