Ќе ѝ пресудат ли ветото за С Македонија и несуденото конзулство на Камчев на кандидатурата на Захариева за еврокомесар – анализира „Еурактив“

Бугарскиот сервис на паневропската новинска мрежа „Еурактив“ во текст објавен вчера ги отвора прашањата што, според порталот, го „минираат“ патот што кандидатката за еврокомесар од Бугарија, Екатерина Захариева, треба да го помине за да ја добие поддршката на европратениците.

Поранешната бугарска министерка и актуелен кандидат за еврокомесар за истражување и иновации, Екатерина Захариева / Фото: Архива

Насловен „Захариева молчи за скелетите во плакарот кои ја саботираат за еврокомесар“, текстот открива дека таа одбила да одговори на прашањата од новинската мрежа, а кои се очекува да се најдат пред неа на сослушувањето во Европскиот парламент за нејзината кандидатура за еврокомесар за истражување и иновации.

Она што според меѓународните публикации фрла сенка на сомнеж околу шансите на Захариева да ја добие поддршката на европратениците се одлуките на официјална Софија додека таа беше министерка за правда, а потоа и министерка за надворешни работи на Бугарија.

Интересно е што, според „Еурактив“, главните прашања пред кои е исправена Захариева во нејзината европска амбиција се поврзани со Северна Македонија и со личност(и) од земјава.

Од аспект на бугарскиот „Еурактив“, проблематично е тоа што додека таа е министерка за правда Бугарија се соочува со сериозни проблеми со корупција при доделувањето бугарско државјанство.

За тоа, како што потсетува порталот, отворен е случај за корупција против првиот човек на Државната агенција за Бугарите во странство, Петар Харалампиев.

Дополнително се посочува и на блокадата што во 2020 година тогашната влада на Бојко Борисов ја наметна на интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија, поради, како што наведува „Еурактив“, партиските интереси на коалицискиот партнер ВМРО (БНД на Красимир Каракачанов н.з.). Тогаш Екатерина Захариева ја врши функцијата шеф на бугарската дипломатија.

Сепак, според бугарскиот тим на „Еурактив“, поголем проблем за Захариева е што таа во 2019 година лично го предложи македонскиот бизнисмен со бугарски пасош Јордан (Орце) Камчев за почесен конзул на Бугарија во Република Северна Македонија.

Инаку, според пишувањата на софиски Фактор.бг од август лани, Камчев не стана конзул бидејќи идејата, зад која неофицијално стоеле тогашните министри за надворешни работи и за одбрана во бугарската влада, Екатерина Захариева и Карасимир Каракачанов, беше отфрлена од кабинетот на тогашниот премиер на Северна Македонија, Зоран Заев, бидејќи против Камчев во истиот период се водеа постапки за повеќе дела.

Подоцна тој беше осуден за вмешаност во шема за перење пари поврзана со нелегално купување земјиште, а од 2023 година се наоѓа на црната листа на САД поради сериозна вмешаност во корупција.

Прашањата на „Еуркатив“ на кои Захариева не одговорила

Во четвртокот, на 19 септември, „Еурактив“ на Захариева и поставил неколку прашања, кои се очекува да ѝ бидат предочени и од европратениците на нејзиното сослушување во октомври. На нив редакцијата на порталот до вчера не добила одговор.

Едно од прашањата било: „Кои се заслугите на Орце Камчев за да биде предложен за почесен конзул и со тоа да добие имунитет од кривично гонење?“

Захариева, исто така, била прашана и дали таа или нејзини блиски имаат бизнис-врски со фирми поврзани со Орце Камчев.

Како што забележува „Еурактив“, темата за Орце Камчев се занемарува од европските медиуми во врска со кандидатура на Захариева за еврокомесар. Но, веб-порталот во написот потсетува дека на 8 јуни 2018 година тогашниот пратеник на Бугарската социјалистичка партија (БСП), Петар Витанов, кој подоцна стана лидер на групата на БСП во Европскиот парламент, на седница на бугарскиот парламент праша за причините за номинирањето на Камчев за почесен конзул.

Бизнисмено Јордан (Орце) Камчев) / Фото: Архива

Тогаш Витанов, пишува „Еурактив“, потсетил дека бизнисменот бил сопственик на медиумскиот холдинг „Медиа принт Македонија“ (МПМ), кој ги издаваше весниците „Утрински весник“, „Вест“ и „Дневник“, кои, според него, се истакнувале со нивната антибугарска реторика. На почетокот на 2018 година холдингот отиде во стечај, поради што околу 400 новинари останаа без работа.

„Свесни сме за контроверзните публикации за господинот Камчев и ве уверувам дека доколку дојде до некаква постапка од негова страна – за кршење на духот и словото на Договорот за добрососедство или на Виенската конвенција за конзуларни односи, јас лично ќе бидам првата што ќе преземе акција“,

одговори тогаш Захариева.

Таа дополнително објаснуваше дека круговите со најантибугарска позиција се обединиле против кандидатурата на Орце Камчев за конзул во Северна Македонија, уверувајќи притоа дека Камчев ги поминал сите проверки на бугарските власти и оти се било во ред. Захариева тогаш наведе и дека Фондацијата „Илија Камчев“ ја финансирала турнејата на театарот „Бугарска армија“ во шест македонски града со продукцијата „Железниот светилник“ на Димитар Талев.

„Тој е познат во Бугарија и Македонија, еден од најбогатите Бугари, голем работодавач. Пред малку спомнав дека тој е претседател на фондацијата „Илија Камчев“, која покровител на различни културни настани“,

рекла накратко Захариева.

Според „Еурактив“, Витанов во тогашното својство на пратеник е единствениот кој од говорницата на Народното собрание на Бугарија во 2018 година го поставил прашањето зошто бугарската влада на Бојко Борисов го предлага Орце Камчев за конзул на Бугарија во Северна Македонија, кого Витанов на седницата го нарекол „македонски бизнисмен со многу контроверзна репутација“.

„Ќе работи на подобрување на основните економски, културни и други врски меѓу двете земји“,одговорила тогаш Захариева.

Прашан во средата што мисли за темата Захариева и Орце Камчев, бидејќи бизнисменот е под американски санкции, а ексминистерката е кандидат за еврокомесар, Витанов одговорил:

„Во погрешната политика на ГЕРБ кон Северна Македонија, која е основата на проблемите што ги имаме со оваа земја сега, Захариева е само елемент, инструмент на оваа политика. На сите им е јасно дека не Захариева, туку Бојко Борисов сакаше да го направи Орце Камчев конзул на Бугарија“.

Според него, како што пишува „Еурактив“, Захариева е „многу просечен кандидат и ќе има исклучително големи тешкотии да се наметне“, а не гледа смисла дополнително да ѝ ја отежнува ситуацијата.

Витанов открил дека Захариева барала поддршка од левицата за сослушувањето во Европскиот парламент, но постапката, како што додал, не била во негови раце. Тој потсетил дека БСП и помогнал на кандидатурата на Илијана Иванова кога тој лично ја однел кај лидерот на социјалистите Ираче Гарсија. По оваа средба групата однапред и ги дала на Иванова прашањата што ѝ биле поставени од левичарските европратеници на сослушувањето.

Бугарскиот политичар, Петар Витанов – поранешен член на Бугарската социјалистичка партија (БСП) кој во 2019 година беше избран за член на Европскиот парламент / Фото: Фејсбук-профил на Петар Витанов

Ставањето на „црната листа“ на САД

На крајот од текстот на „Еурактив“ се потсетува на случаите за кои кандидатот на Захариева за почесен конзул беше обвинет и осуден во земјава и за неговото ставање на црната листа на САД.

„Господинот Камчев ја злоупотреби својата положба со преземање коруптивни активности и спроведување агенда за своите потреби на сметка на демократските институции и граѓани на Северна Македонија“,

изјави лани во јули потсекретарот на американското Министерство за финансии, Брајан Нелсон.

Во објаснувањето на одлуката за ставањето на Камчев на „црната листа“ се наведува дека тој интензивно се занимава со корупција, вклучително и со злоупотреба на службената положба, перење пари и други незаконитости повеќе од една деценија, односно од раните 2000-ти.

.

Дополнително, се посочува дека Камчев го искористил своето богатство и коруптивно влијание за да манипулира со судскиот систем во Северна Македонија. Во 2020 година, како што се нагласува во соопштението, шефицата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Катица Јанева, била обвинета за примање поткуп токму од Камчев и таа сведочела дека бизнисменот платил пари во замена да добие поволни услови во однос на приведувањата и исходот на случајот што се водеше против него.

„Камчев подоцна покрена граѓанска постапка против обвинителката и други лица тврдејќи дека тие изнудувале пари. Граѓанскиот суд во Скопје пресуди дека Камчев не е жртва и нема право на надомест на штета“,

се додава во соопштението.

По овој скандал, кој на македонската јавност ѝ е познат како случајот „Рекет“, се случи колапс на СЈО, а како резултат на тоа, констатираат американските власти, многу случаи на висока корупција што СЈО ги истражуваше стагнираа и остануваат нерешени, со што се одложува понесувањето одговорност од многу поединци кои се занимавале со корупција слично како Камчев.

Back to top button
Close