Ќе се формира анкетна комисија за случајот со Онкологија, одлучија пратениците
Пратеникот Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ смета дека случајот за злоупотребата на терапија на Клиниката за онкологија треба да се расчисти, а анкетната комисија, според него, треба да утврди дали со тој скандал биле загрозени основните човекови права на пациентите кои се лекувале од моментот на ставање надвор од употреба на системот за контрола на терапија или популарно наречен КАТО системот за подготовка на цитостатиците.
– Основање на анкетна комисија треба да направи анализа на сите документи на Универзитетската Клиника за радиотерпаија и онкологија со цел утврдување политичка одговорност на владините и здравствени функционери поврзани со аферата. Крајно време е системот да профункционира и да потврди дека сме способни и во пракса, а не само декларативно и на зборови да се справиме со тешките облици на криминал и корупција. И кончено да ја прекинеме културата на неказнивост за сериозни прекршувања на законите. Овде мора да има одговорност. Се сложувам со многу дискутанти на оваа тема дека криминалот на Онкологија има име и презиме и мора одговорните, кои го сториле тоа да сносат морална, кривична и политичка одговорност – рече Ристески.
Информациите за злоупотреба на терапија на болните од рак, според него, се фрапантни и загрижувачки и побара одговорност од директорите, министрите, премиерот и целата Влада.
И пратениците од СДСМ ја поддржаа одлуката за формирање анкетна Комисија за скандалот на Онкологија, која според пратеникот Ненад Коциќ треба да утврди дали има и политичка одоговорност, а ги поддржа и пациентите кои бараат редовно да ја примаат соодветната терапија.
– Доколку има злоупотреби да се евидентираат со име и презиме да бидат обелоденети во јавноста. Не го подржувам политичкото лешинарство, кое некои помали политички партии, кои пробаа да го девастираат целиот здравствен систем – рече Коциќ.
Борислав Крмов од Левица рече дека анкетните комисии досега се формирале за заташкување на случаи, но и покрај тоа рече дека ќе ја поддржат за да се изврши притисок да се стигне до правда и разврска во случајот.