Ќе се формира Работна група за подготовка на измени и дополнувања на законодавството за декриминализација, легализација и искористување на медицинските, социјалните и економските придобивки на канабисот

На денешната седница Владата ја разгледа и усвои информацијата за формирање „Работна група за подготовка на измени и дополнувања на законодавството за декриминализација, легализација и искористување на медицинските, социјалните и економските придобивки на канабисот”, составена од институции, здруженија и граѓански организации, а врз основа на доставените барања и предлози од различните чинители до Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија.

Како што соопштија вечерва од владиниот Сектор за односи со јавноста, за координатор на работната група е назначен националниот координатор за стратегиски комуникации во Владата, а во неа ќе членуваат и ќе добијат покана за учество претставници од кабинетот на премиерот, од министерствата за здравство, за правда, за внатрешни работи, од Здруженијата на токсиколози, на педијатри, на онколози, претставници од Здруженијата на млади фармацевти, кривичари, претставник од Хелсиншки комитет за човекови права, од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, од Коалиција маргини, од здружение Операција Ослободување, претставник од Здружение за канабис и зелени политики Билка, од НВО коалиција Канабис институт Пелагонија, од Национален младински совет на Македонија, како и претставник од Мак канабис, здружение на производителите на медицински канабис.

Мандатот на работната група ги опфаќа прашањата поврзани со регулација на производство и употреба на билката канабис и тоа декриминализација и легализација на поседување и лична употреба, декриминализација на одгледувањето на растенија за лична употреба, разгледување можности за основање и работење на социјални клубови, зголемување на бројот на здравствени состојби за кои можат да се користи канабис, дозвола за лекари од приватното здравство да препишуваат препарати од канабис и можност пациентот кој добил препорака за лекување со препарати од канабис да може сам да си одгледа и користи во форма во која најмногу му одговара за неговата состојба (орално, преку инхалација или преку супозитории), како и основање  на  Агенција  за  канабис и формирање Фонд од давачките/даноците кои компаниите кои произведуваат и тргуваат со канабис ќе ги плаќаат кон државата, со цел поддршка на проекти од општествен интерес во сферата на лекување на ретки болести, медиуми, медиумски работници и продукција на домашни медиумски содржини, граѓанското општество, културата и спортот, како и за поддршка на работата на Агенцијата за канабис.

Back to top button
Close