Ќе се градат гробишта за миленици, сопствениците досега ги закопуваа на јавни површини и покрај казната од 50 евра

Министерството за локална самоуправа, Град Скопје и ЗЕЛС и даваат целосна поддршка на Агенцијата за храна и ветеринарство за решавање на постоечкиот проблем и потребата од изградба на гробишта за домашни миленици во општините.

“Ова ќе претставува решавање на деценискиот проблем и крај на праксата по смртта, труповите на милениците да не се фрлаат заедно со комуналниот отпад, или да се закопуваат на јавни површини и други несоодветни локации за таа намена, за што ќе треба да се направи и соодветна измена на одредени законски решенија”- рече на состанокот на АХВ, Град Скопје и ЗЕЛС, министерот за локална самоуправа Златко Перински.

Претстои дефинирање на локации во општините за нивна изградба и планирање на инфраструктурата која треба таму да се изгради за да може тие целосно да се стават во функција на граѓаните, појасни Ѓорѓиевски, потенцирајќи дека локалните самоуправи ќе дадат целосна поддршка во реализацијата.

На состаноците акцент беше ставен и на предложените решенија за намалување на популацијата на бездомни животни преку воспоставување на систем на прифатилишта во секоја локална самоуправа. Според директорот на АХВ Оливер Миланов, во предлог законските измени се веќе инкорпорирани забелешките и предлозите кои ги дадоа здруженијата за заштита и благосостојба на животните, а в предвид ќе се земат и предлозите на општините.

Погребувањето на миленичињата на јавни површини е казниво и ако некој биде фатен, казната изнесува 50 евра во денарска противвредност. Најголемите проблеми се појавија во главниот град, кој требаше досега да обезбеди уредена локација за погребување на домашните миленици во соработка со здруженијата за заштита и грижа на милениците. Тоа беше и ветување на градоначалничката Данела Арсовска во таканаречениот „Нов зелен план“, но немаше никаква реализација, а погребувањето на милениците стана сериозен еколошки проблем.

Според активистите, ретки се оние што можат да ги закопаат милениците во својот двор, а повеќето за оваа цел ги одбираат перифериите на градот или некаде во природа како што е територијата на Водно.

Во моментов ЈП Комунална хигиена е задолжено за лешевите на милениците, но тие се фрлаат на „Дрисла“ каде што има други диви кучиња и тие ги растргнуваат и се хранат со нив.

Во нашето поблиско опкружување, кај нашите соседи, вакви гробишта нема. Во западните земји, пак, милениците се кремираат. Гробишта за миленици има во Австрија, Унгарија, Италија, Германија, Франција, Белгија, Велика Британија, каде што има и специјална погребна опрема

Back to top button
Close