Ќе се избира нов судија за Судот во Стразбур, наследник на „баџанакот“ Јован Илиевски
Денеска во Службен весник е објавен огласот за избор на кандидати од Македонија за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Ова значи дека догодина финишира 9-годишниот мандат на актуелниот судија Јован Илиевски, познат во јавноста и како баџанакот на некогашниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков.
Постапката за избор ќе ја спроведе Комисија за избор на кандидати на Северна Македонија за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), која минатиот месец беше формирана од Владата.
– Advertisements –
Поточно, надлежностите на оваа комисија се да распише јавен оглас за избор на кандидати, да ја спроведе постапката за избор и истата по добивање на мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти на Советот на Европа, од аспект на тоа дали кандидатите ги исполнуваат условите и да достави предлог за избор на тројца кандидати за судија.
Kандидатите мора да ги исполнуваат минимум следните услови:
-Да е државјанин на Република северна Македонија,
-Мора да уживаат висок морален углед;
-Мора да ги исполнуваат условите неопходни за вршење на високи судски функции или да бидат правни стручњаци со призната компетентност (минимум 12 годишно искуство во соодветната професија);
-Мора да бидат помлади од 65 години;
-Moра да имаат искуство во областа на човековите права;
-Мора активно да го владеат едниот, а пасивно другиот службен јазик на Совет на Европа (англиски и француски);
Рок за пријавување на заинтересираните кандидати: 15 дена од денот на објавувањето на овој Oглас во Службен весник на РМ.
Илиевски стана судија во Европскиот суд во фебруари 2017 година, а деветгодишниот мандат му завршува во февруари 2026 година. Неговиот избор се поврзуваше со неговиот баџанак, екс директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков. Тој дојде на оваа позиција од шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, именуван во времето на поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ.