Ќе се обесштети фармерот од Струмичко кој во поплавите загуби стадо овци и јагниња – вели Трипуновски

Ќе се обесштети фармерот Никола Колев од струмичко Костурино, кому поплавата во понеделникот му однесе 56 овци и над 120 јагниња, соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водосточанство Цветан Трипуновски, кој денеска беше во посета на бачилото.

 

Според него, Општина Струмица на вчерашната седница на Советот има формирано комисија за процена на штети од невремето, која е составена и од претставници на Министерството за земјоделство, кои ќе направат процена во делот на оштетување на имотот на фармерот Никола, кој согласно процедурата и законот ќе биде обесштетен од страна на Владата.

 

„Дополнително, сите членови на Сојузот на одгледувачи на овци во рамките на своите можности ќе му помогнат со жива стока, која ќе му биде дадена на Никола за да може да продолжи да опстојува со одгледување на овци. Во комуникација сум со општествено одговорни компании од регионов кои ќе помогнат со градежни материјали за да се изгради нова штала, каде што ќе може да ги одгледува преживеаните овци, но и тие што ќе му се дадат“рече Трипуновски.

Комуналното претпријатие, како што додаде, ќе преземе активности за чистење на одредена каналска мрежа за да не дојде до нови поплавувања од реката Тркања во овој дел.

Претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци, Насер Џемаили, ги повика одгледувачите од државата на солидарност и да му помогнат на Никола со една или две овци или колку се во можност.

Сопственикот на фармата, Никола Колев, рече дека покрај стадото, во поплавата настрадала и шталата. Одгледувањето овци му е единствен извор на егзистенција.

„Спасивме само четириесетина овци. Живееме само од ова“кажа тој.

Освен бачилото на селото Костурино, поради обилните врнежи од дожд во Струмичко, водата од реката Тркања предизвика и поплавување на земјоделски површини и дворови во селата Муртино и Сачево.

Back to top button
Close