Ќе се отстранува Зимзоленд, две недели работел без ниту една дозвола


Општина Аеродром ќе го демонтира Божиќниот базар „Зимзоленд“, откако речиси две недели работи без никаква дозвола и без потребната документација. Ова за Телма го потврдија од општината, кои по вчерашните изјави дека се ненадлежни, денес признаа дека организаторите немале ниту еден валиден документ и дека ќе бидат преземени мерки за отстранување на поставената опрема, јавува Телма.

Според општината, вчера попладне бил спроведен вонреден заеднички инспекциски надзор на локацијата. Во контролата учествувале Градежната инспекција на Општина Аеродром, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Дирекцијата за заштита и спасување.

„Градежниот инспектор изврши увид и отпочна постапка согласно Законот за градење, Законот за инспекциски надзор и Законот за општа управна постапка, со цел да се отстрани поставената опрема“, информираат од Општина Аеродром.

Пазарниот инспекторат утврдил и дополнителни неправилности. При контролата биле затекнати лица кои вршеле нерегистрирана дејност, поради што ќе бидат соодветно казнети. Воедно, од сопствениците на базарот е побарано да ја достават целата потребна документација, вклучително и податоци за тоа кој управува со манифестацијата.

Back to top button
Close