Ќе завршиме ли пак по ходниците и ќе sиркаме ли низ прозорците кога други ќе одлучуваат за нас?

Денко Малески

Оние кои разбираат што се случува на меѓународната сцена денес, знаат дека брзањето Македонија да го фати последниот воз за преговори со ЕУ и членство до 2030 е и борба за место околу масата кога ќе се отвара темата за новата безбедносна структура на нашиот континент.

Старата, како што знаат сите, колабира со војната во Украина и дистанцирањето на Америка од таа војна, од НАТО и од Европа во целина. Колку е важно тоа присуство на масата на ЕУ за иднината на македонската држава можат да разберат само македонски политичари кои умеат да мислат стратешки, што ќе рече потака од локалните, парламентарните или претседателските избори. За жал, тоа е нашата слаба точка. Потака од избори, нашите политичари не се способни да мислат. Оние, пак, кои се платени со пари и со одличја за да мислат долгорочно, членовите на таканаречените центри за стратешки студии, во МАНУ, во МНР и по бројните универзитети на кои се предава меѓународно право и политика, дамна ги имаат потчинето институциите во служба на сопствената промоција и профит. За друго, баш им е гајле. Нивниот молк, речито го кажува ова. Понекогаш се прашувам дали може да опстане држава од која сите сакаат само да земат а ништо не сакаат да дадат?

Низ годините независност слушам поплаки на странски дипломати дека македонските политичари не умеат да мислат стратешки. Денес, гледаме на дело како европските политичари страдаат од истата болест. Наместо да го поддржат Трамп во обидот да ја запре војната во Украина пред државата да биде тотално уништена, а светот во нуклеарен конфликт, европските политичари ги саботираат мировните преговори на американскиот претседател. Секогаш послушни кон политиките на неговите претходници, па дури и кон одлуката за проширување на НАТО со Украина, за која канцеларката Меркел ќе изјави дека е рамна на објавување војна на Русија, нивното поведение во текот на украинската војна е запрепастувачко. И исто онака како што Борис Џонсон ја сруши иницијативата за мировен договор меѓу Москва и Киев само две недели после руската инвазија во февруари 2022, Макрон, Мерц и Стармер ја срушија иницијативата на Трамп за средба со Путин во Будимпешта која требаше да се одржи пред некој ден.

Никој како да не се надева сегашната гарнитура европски политичари, со слаба поддршка меѓу гласачите, да произведе мир. Во очекување дека кризата која настана со повлекувањето на Америка од Европа, ќе произведен нови политичари од многу поголем калибар, постојните се ставаат под лупата на јавноста. Јавна тајна е дека канцеларката Меркел, нездоволна од работата на германската министерка за одбрана Урсула Фон дер Лајен, ја испрати да раководи со ЕУ. Дека Каја Калас, непопуларната министерка на Естонија, беше прекомандувана да ја води надворешната политика на ЕУ. И во отсутво на мерит систем, денес,никаде ја нема ЕУ со своја автентична безбедносна и надворешна политика. „Европа“, поточно нејзиното раководство во Брисел, недораснато за големи потези кон мир и за формулирање на нова безбедносна архитектура за Европа со дипломатски пробиви кон Москва, едноставно не може да се снајде во хаосот кој настана со „крајот на американската ера“, раѓањето на мултиполарниот свет и доаѓањето на Трамп за претседател на САД.

Сепак, притисната од околностите на континентот и во светот,Унијата, која настана како економска организација после Втората светска војна, ќе мора во кус временски период да се трансформира во политичка организација со своја вистинска безбедносна и надворешна политика. Ќе тргне ли Македонија храбро напред кон членство во ЕУ или, одново, како 1991, ќе завршиме по ходниците и ќе sиркаме низ прозорците кога други ќе одлучуваат и за нас? Тогаш, надвор од европскиот сојуз, како лушпа орев во океан, носен од брановите, нашата држава секогаш ќе гласа во ОН со големата сила на која нашиот глас ништо не и значи, а нам ни носи само загубен углед во очите на светот!

 

Back to top button
Close