„ЕДЕМ“ од Станислав Лем на македонски во издание на „Антолог“

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје, го најавува објавувањето на романот „Едем“, од полскиот писател и футуролог Станислав Лем, најпреведуваниот автор на научна фантастика во светот.

Како што информираат од Антолог, напишан во 1958 година, „Едем“ ја отвора зрелата епоха во творештвото на Лем од жанрот на научната фантастика.

– Во книгата се раскажува експедиција од Земјата која поради погрешни пресметки доживува судир со атмосферата и принудно слетува на планетата Едем, при што ракетата се разбива, а екипажот преживува. Жителите на оваа планета создале цивилизација базирана врз биоинженеринг. Генетската контрола сепак се покажала недоволно прецизна. Земјаните се појавуваат во момент кога на планетата се одвива акција на екстерминација. Анонимната влада на Едем се обидува да го сотре поколението на мутанти што содржат дефект. Владетелите имаат власт и врз јазикот, па без исклучок ги тргаат и од него сите формулации што би можеле да ја именуваат фактичката состојба, а на нивно место се појавуваат термини што ја заведуваат стварноста, стои во описот на книгата.

Станислав Лем (1921-2006) е најпреведуваниот полски писател, сатиричар, философ и футуролог, како и најпреведуваниот автор на научна фантастика од неанглиско говорно подрачје. Тој е меѓу најпознатите писатели и теоретичари на научната фантастика. Во издание на „Антолог“, претходно на македонски од писателот Лем се преведени и неколку други книги – култната „Соларис“, како и „Киберијада“ и „Непобедлив“.

Преводот на македонски е дело на Милица Миркуловска

Back to top button
Close