Еден албански, повреден од 120 македонски пратеници!?

Дали, само еден пратеник во албанското национално собрание (парламентот) вреди повеќе од 120 пратеници во Собранието на Северна Република Македонија!?

Ако мислите дека прашањето е депласирано и нелогично, ќе морате да се соочите со аргументите што подолу ќе бидат изнесени, макар било тоа и по само една тема.

Во случајов еколошката катастрофа што пред наши очи му се случува на Преспанското Езеро. А, не е далеку, дека истото може да му се случи и на Охридското Езеро.

Прво, затоа што Преспанското се влива во Охридското (тоа е научно докажано со примена на изотопи) и второ, затоа што производителот на електрична енергија езерото си го смета за своја бавча и акумулација. Жално е да се гледа брегот на езерото. Водата е повлечена во метри, нивото на езерото, исто така, симнато е блиску до еден метар!

А што значат Охридското и Преспанското Езеро, се покажа ова лето. Доволно беше да се затворат границите наоколу, за сите да навалат на Охрид и Преспа. Ова лето немаше каде игла да се фрли во Охрид. Се разбира тоа е поврзано со опасната пандемија, мегутоа, двете езера, двете наши мориња, не се само за уживање. Тие се благодет, се разбира, но ако не се и одговорност ЗА СИТЕ НАС, брзо ќе ги немаме. Замислете ситуација и Албанија да ги затвореше границите. Ќе се изгазевме мегу себе по плажите!!!

Но, зошто еден албански пратеник, во случајоив етнички Македонец, може да биде повреден од нашите 120 пратеници!?

По барање на Васил Стерјовски, пратеник од единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), на пленарна седница на албанскиот парламентот, се најде прашањето за состојбата со алармантниот пад на водата во Преспанско Езеро.

-На мое барање, во албанското Собрание министерот за туризам и животна средина, Бленди Клоси да даде објаснување какви мерки превзема министерството, тука вклучително и во соработка и со надлежните институции на Македонија и Грција за да се спречи алармантниот пад на водата во Преспанското Езеро и еколошката катастрофа што му се заканува. Од 2018 до денес езерото е повлечено најмалку 200 метри. Преспанското Езеро ги спојува териториите на Албанија, Македонија и Грција и претставува проблем што ги зафаќа сите три држави кои го делат брегот на езерото и треба да се преземат заеднички активности за да се забави оваа природна непогода, напиша на својот ФБ профил, пратеникот Стерјовски.

На еколошката катастрофа што му се заканува на Преспанско Езеро, од албанска страна, алаармираше и Македонското друштво„Илинден“ од Тирана.

Што е направено од наша страна?Ништо!Нулта Точка!Зеро!

Смешки-тешки!По свадба- тапани! Дури вчера, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, “одржал работна средба со градоначалникот на општина Ресен, Живко Гошаревски, заради алармантната состојба со Преспанското Езеро!”.Биле  “разгледани можностите за забрзување на активностите и на национално и на меѓународно ниво!”.Бил “потребен комплексен пристап заснован на научни сознанија!Било договорено итно да се стави во функција работната група за чие формирање изминатиот период од страна на МЖСПП се направени консултации со повеќе засегнати страни!”.Било констатирано дека било клучно интензивирањето на активностите за завршување на процесот на формирање на трилатералниот комитет за Преспа паркот за кој штотуку беа номинирани членовите од македонската и грчката страна, а номинацијата од Албанија е во тек!”… 

Дури, се отишло толку далеку, што министерот се заложи за поинтензивна комуникација со неговите колеги од двете држави заради побрзо отпочнување на прекуграничната соработка за заштита на Преспа!”.

Срамно! Неодговорно! Мачкање очи со мраз!

Каде се другите органи, останатите повикани институции?

Зошто, за нашето собрание, еколошката катастрофа на Преспанското Езеро, не е тема, не е аларм?

Зошто, ова што му се служува на Охридското Езеро, не е тема, не е аларм. Ако ништо друго, каде се дузината пратеници од Охрид, без разлика каков партиски дрес носат?

До кога двете езера ќе се третираат како две посебни целини, кога се единствено сливно подрачје, заедничко подрачје на две, а во случајот со Преспанското и на три земји-соседи?

Веле Митаноски

Back to top button
Close