Еден осомничен за одземање автомобил и тешка кражба во Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторил кривични дела – Одземање моторно возило по член 242 став 1, како и – Тешка кражба по член 236 став 1 точка 1 од Кривичниот законик, соопшти вечерва Јавното обвинителство.
Како што појаснуваат, осомничениот, на 3 јули, од паркинг просторот на ПОЦ во непосредна близина на Зелен пазар на улицата „11-ти Октомври“ во Скопје, одзел туѓо моторно возило марка „Фолксваген голф 3”. Тој го искористил фактот дека автомобилот бил оставен отклучен и со клучеви во бравата за стартување, па без да биде забележан влегол во возилото, го стартувал и го одзел.
Ноќеска, пак, во угостителски објект на Кеј, во непосредна блзиина на Младинскиот културен центар, осомничениот со тврд погоден предмет и физичка сила го отворил прозорецот од кујната од каде влегол во објектот. Извршил претурање и одзел една внатрешна единица за клима уред, звучник, повеќе алкохолни пијалоци, храна и други предмети, стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 65.000 денари, а со провалувањето причинил и материјална штета околу 6.000 денари.
– Бидејќи недвосмислено постојат околности кои што укажуваат на опасност од бегство на осомничениот, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор, информира ЈО.