Еден свет што никогаш веќе не се врати

Извадоци од третиот дел од “Преминот во времето – една историја покриена со шал“ од Миѓен Келменди во превод на Алида Муча

Шукри бег, кого го викаа уште и Шукри Ѓакова, тој ден се врати дома порано. Два дена порано. Беше во Улцињ, поканет од неговиот ортак Човиќ за да го обнови договорот што го имаа направено меѓу себе, и “да ги накваси нозете во солена вода“, како што му беше кажал Човиќ. Шукри Ѓакова тргуваше најмногу со жито и со сол. Откако се беше сретнал со овој Човиќ, што му беше предложил да го остави житото и да се ориентира на солта од Улцињ, неговата трговија беше започнала да напредува и му беше донела голема добивка. “Никогаш не верував во оваа работаа“, велеше Шукри Ѓакова, “Господ солта шеќер ми ја направи!“

 

Разбирливо, Човиќ имаше договор со соланата, ја купуваше солта од нив, а потоа му ја продаваше на Шукри бег со малку повисока цена. Но сепак, Шукри бег беше задоволен бидејќи истиот миг кога ќе ја донесеше солта во Косово, веќе му беше продадена. Толку многу започна Шукри бег да се поистоветува со солта, па не само што почнаа да го нарекуваат Човекот од сол, туку помалку и да го задеваат. “Почна ли да ти се засолува солта, бе Шукри Ѓакова?“, го закачка неговите пријатели. Тој не се лутеше, само им се смееше на тие зборови. “ Шегувајте се вие колку што сакате, ама мене Господ ми ја направи солта шеќер, а за да не се засоли, ја залевам со млеко од мазга“, им одвраќаше.

Дента кога влезе дома, седна во тремот, местото што го претпочиташе, направено за свој мерак, од сите страни послано со миндерлак украсен со бели чипки и ја повика Мејреме, неговата жена. Сакаше да се напие кафе дома со жена му, по долгото патување. Иако викна неколку пати Мејрем ханам… никој не се отповика. По неколку мигови се појави слугинката Игбале и му кажа дека Мејрем ханам била појдена да ноќева кај мајка и. “Не го очекуваше твоето враќање денеска“. Шукри бег толку се налути што во истиот миг донесе една одлука фатална за понатамошната среќа на неговото семејство. Стана и отиде во Вучитрн, кај својот пријател Хашим Вучитрн, кој го пречека како угледен човек и пријател. Без да должи многу, Шукри бег му ја побара големата ќерка Неџмије за невеста. “Ако се согласиме, ќе ја земам со себе вечерва, или не ја земам никогаш“. Му кажа да не го прашува ни зошто ни како.

Шукри бег се врати таа вечер дома со втората жена, Неџмије Вучитрна. Без некаква свадба или гозба ја внесе дома. Не спиеше со неа таа вечер. Доволно му беше она убаво чувство предизвикано од материјалната моќ и силата на актот што го беше презел. Беше убеден деке не можел да и испрати подобра порака на неговата прва невеста, Мејреме ханам.

Кога по два дена Мејрем ханам се врати дома, слугинката и кажа што се случило. Мејрем ханам доживеа тешка навреда која и стана видлива на лицето и никогаш не и се отстрани. Се обиде да остане силна и да не ја покажува навреденоста, но таа ѝ се појавуваше и ѝ се гледашена лицето како некоја лоша краста. Побара од слугинката Игбале да ја однесе кај соперничката. Во собата ја најде Неџмије Вучитрна седната на миндерот. Таа стане не нозе во знак на почит и сакаше да зборува… Мејреме ханам ја прекина. “Добредојде… драга… не е твоја вина. Ќе живееме како сестри заедно, а оваа куќа ќе биде и твоја.“ Ја прегрна студено и појде да му свари кафе на Шукри бег. Разбра дека е во тремот, каде што седеше вообичаено. Му го свари кафето и пред да излезе во тремот, плукна во него. Ја намести вообичаента насмевка на лицето и се упати право кон него. Попат му истури малку од кафето врз тацната, нешто што Шукри бег не го поднесуваше, но овој пат тој не приговори. Седна до него, погледна во неговиот профил додека го с‘ркаше кафето онака со мустаќите што му ја покриваа устата и чии што врвови се наквасуваа во кафето. Со кокетност на мачка му се приближи до увото и му шепна нешто од коешто Шукри бег во истиот миг се вкочани.

***

Третиот ден откако Шукри бег ја беше довел Неџмије Вучитрна дома како негова втора жена, ги повика двете негови невести да се дотераат бидејќи требаше да појдат со пајтон во дуќанот на Живојин Стојановиќ ,за да се сликаат. Го повика Адем пајтонџијата, кој што имаше најубав пајтон во градот, да ги земе од пред куќната порта. Шукри бег беше решил да и ги покаже на Приштина двете негови невести, потврдувајќи ја со тоа машкоста, а особено својата материјална моќ. Меѓутоа, зборот што Мејрем ханам му го беше шепнала на увото, никогаш не му допушти да и се израдува на сопствената положба. Зборот не го оставаше на мира, на извесен начин му пречеше и му ја мачеше совеста, како камче во чевелот.

И покрај тоа што Живојин сакаше да ги прикаже малку поднасмевнати, на фотографијата што ја разви истата ноќ тројцата изгледаа некако намрштени и заматени во лицата. Шукри бег го нарача најголемиот формат на фотографија што овој дуќан можеше да го изработи. Го однесе да се врами и го стави насреде гостинската соба, како највисок чин на потврдата на неговата машка моќ во ова семејство.

На фотографијата јасно се гледаше навредата на Мејрем. Како некаква краста. Не само што таа не се насмевна на оваа фотографија, туку таа нема да се насмее никогаш повеќе. Таа тоа си го беше ветила себе си.

***

Со Мејрем и со Неџмије Шукри бег имаше 13 деца, од кои ќе му останат живи само осум. Петте останати деца ќе му умрат во различни околности. Едното во стомакот на Неџмије, задавено со папочната врпца. Едно од новороденчињата нема да и го покажат на Мејрем, бидејќи сето било прекриено со влакна, имало мало, како свинско опавче, и се родило без раце. Покажете му го прво на Шукри бег, па потоа фрлете го, им рекла Мејрем, како да сакала да го поврзе раѓањето на ова суштество со зборовите што му ги беше шепнала.

Од тринаесет деца, колку што се родија, им останаа живи само осум: големиот син на Мејреме, Рагип и нејзините три ќерки (Шадије, Наиме и Фериха), како и тројцата синови на Неџмије (Риза, Бурхан и Фадил) и единствената ќерка, Акиле.

Додека растеа, кај двата чифта деца се појави по едно дете со грба: Риза и Фериха. Маалото ќе ги нарекува “грбавци“.

***

Рагип набргу порасна и се разви во едно лично момче. Ги претпочиташе костумите, но за разлика од другите, тој јаката од кошулата ја вадеше врз палтото. Беше човек со стил. Им даваше тежина на облекувањето и на изгледот. Кошулите му беа секогаш ‘наштиркани‘ , чевлите ‘шими‘ со заострен врв му беа секогаш светнати, а чорапите секогаш бели, за да му ги истакнат чевлите и да ја потврдат неговата педантност, а му се сложуваа и со кошулата. Ги заврши двете години надворешна трговија во Белград. Го зборуваше добро српскиот и турскиот, но оној приштинскиот турски. Секој ден ја купуваше и ја читаше белградската “Политика“, што вообичаено доцнеше, но тој знаеше да почека онаму кај хотелот. Ја држеше во левиот џеб од палтото, онака како што го бев видел на фотографијата со Мејрем и со Неџмије Вучитрна, обиколен од еден обрач девојќи, неговите сестри Шадије, Наиме, Фериха и Акиле, сите со косите врзани во плетенка, според модата на тоа време.

Рагип ја сакаше Милена, големата ќерка на комшијата Бора ‘кројачот‘. Нивното маало ‘Београдска улица‘ беше во близина на приштинскиот парк и често ги гледаа како шетаат заедно низ патеките во паркот. Беше тоа еден пар кој не можеше а да не ти падне во очи. Милена беше средна по раст, со светла коса, што ја носеше кратка, со изразени црти на лицето и со длабоки очи, што Рагип го потсетуваа на очите на Мејрем. Веднаш штом семејството ја откри нејзината блискост со Рагип, ја омажија во Белград со помошникот на операторот во киното. Кога во Приштина влегоа партизаните, извршија сеопшта регрутација. Им требаа војници за следење на германските трупи што се повлекуваа. Регрутацијата беше насилна. Кога ќе сретнеа било кого со наполнети 18 години и повеќе, го весуваа во камион и го носеа на фронт. Рагип, не постоеше начин да не го приметат. Веднаш штом го видоа го зедоа. Никогаш повеќе не се дозна ништо за него. Се изгуби без да остави ниедна трага. Останаа само неколку фотографии: пред дуќаните каде што пишуваше “Пекар“ и “Мутавдијска радња“; во црн костум, од чиј што лев џеб се наѕира логото на белградскиот весник “Политика“; ја носи истата онаа бела ‘штиркана‘ кошула чија што крагна е извадена врз палтото; истите оние чевли ‘шими‘, што му беа малку искинати на петиците. Беше останала и една друга фотографија од излетот во ‘Таукбашче‘; седнат покрај една дрвена маса покриена со чаршаф, под сенката на жалосна врба. Се гледа белиот чаршаф дамкосан со капки маслиново масло од салатата, црвени капки од виното и од цедените патлиџани, како и отворените шишиња. На лицата сите имаат по една вообичаена насмевка. Само Рагип се смее од се срце, како за последен пат.

***

Со иселувањето на Шукри бег и на дел од неговото семејство, се чинеше како од Приштина да се беше иселил неповратно еден начин на живеење , еден начин на разбирање на семејствата и на општеството, на трговијата… си замина еден свет што веќе никогаш не се врати. …

***

Тоа дека за грбавите нема место во киното на животот, Риза го согледуваше особено кога се работеше за жените. Тој не беше без иницијатива, но реакцијата на жените кога ќе им пријдеше на масата за да ги покани да танцуваат, а тие седнати беа со иста висина колку и тој станат на нозе и особено нивните секогаш одречни одговори со некакво искривување на устата и зачуденост за тоа како смее овој сакатиов да пријде и да не кани, го беа направиле многу скептичен дека ќе ја најде својата љубов во овој “Лажен свет“. Но тој не се даваше лесно. Кога се убеди дека е скоро бесмислено да им досадува на девојките без грба, за да го осмисли своето присуство тој започна да излегува во друштво на другари. Бидејќи поради неговиот изглед беше скоро невозможно да се препознае неговата интелегенција, тој почна да им ја подарува на своите другари. Имаше тројца многу блиски другари, Мустафа Али, Хајредин Аголи и Фахри Битиќи. И тројцата косовари, чии семејства беа избегале од Југославија во времето на Ранковиќ. На фотографијата што и ја беше испратил на Фериха за да ја запознае со неговите најблиски другари, освен него, останатите тројца беа со мантили. Тој не носеше мантил, бидејќи мантилот го правеше некако помалечок. Имаше само еден костум и еден шал со кој го покриваше вратот. Кога ми е вратот затоплен, целиот сум затоплен, велеше. Велам, Риза беше научил да го чита говорот на телото, нешто што неговите другари, кои тој вообичаено на шега ги нарекуваше “убавици“ никогаш не го истражуваа и не го читаа, па затоа реши да им помогне во оваа работа. Со прецизност на книговодствени шифри го следеше однесувањето на телото, погледите, гестикулациите, движењето на очите, мимиката на лицето, движенето на рацете, а особено на нозете, играњето со косата, движењето на веѓите, на очните капаци… и се друго. Ако сакате да го запознаете некого, следете го како се движи, како седнува. Што прави откако ќе седне… Јас по само десеттина чекори можам да му го направам портретот на човекот, со 70 проценти прецизност. Откакао ќе им го дешифрираше јазикот на телото на девојќите на игранката, им даваше насоки на другарите кој на која девојка можае да и пријде и да ја покани да танцуваат. .. Се обидуваше преку шегата да го направи невидлив неговиот изглед, за да може да се претстави и да биде виден одвнатре Тој – Риза, длабоко убеден дека е многу постраствен и поискрен љубовник, дека без обзир на грбата и на неговата висина, е маж што ги разбира, ги познава и ги сака жените многу подобро одошто неговите другари.

Дека е вистински љубовник не знаеше ни тој самиот ниту неговите другари, без да отиде за прв пат во јавна куќа.

За неговиот триесетти роден ден, другарите беа решиле да му платат една ноќ во Genel Evi. Тој беше против оваа платена љубов, но истовремено поради некаква врелина и некаков грч помеѓу нозете, лесно се одлучи. Дека Риза имаше нешто повеќе не само на грбот, туку и помеѓу нозете, се разбра набрзо во Genel Evi. Продираше силно, со сета страст собрана во триесет години и љубеше нежно со љубов набиена и нераспродадена во време од триесет години. Дека е вистински љубовник, Genel Evi разбра многу бргу, па оттаму неговите понатамошни доаѓања хостесите ги очекуваа со радост. Им зборуваше нежно, со најслатките зборови на љубовниците од киното и од песните на легендарниот пеач Зеки Мурен што ги знаеше напамет и продираше силно и длабоко со сила на млад ждребец.

Кога утрото потоа се појави во кафеаната каде што вообичаено се среќаваше со другарите, беше спастрен како и секогаш, со сламен шешир, со црните очила позади чии што стакла го крадеше светот, со костум сошиен по мерка на неговата висина и со белиот шал што го носеше наместо мантил. Се движеше со голема самодоверба. Кај си бе Риза Ѓакова, Бог ти ја земал висината, ма ти го дал долго она другото… што ти треба повеќе, го закачаа другарите. Тој седна како и вообичаено на празната столица, на која откако ќе седнеше нозете веќе не му го допираа подот и им возврати: бегајте бе убавици, од каде знаете вие што е жена!

Дека е вистински љубовник остана само еден доказ заробен во Genel Evi. Хостесите го запамтија како “грбавецот што е нежен и зборува како Зеки Мурен и ебе како коњ“. Надвор, во реалноста, во животот, во светот без грба, тој беше само еден грбавец и добар книговодител…

Во светот и не така мал, населен со несреќни девојќи кои страдаа, кои себе си се смета за непотребни, кои поради некаква грешка, недостаток, семејствата ги криеја како болест, како срам, кои ги сметаа за потврда на нечистата крв па поради тоа ги затвараа дома и не им дозволуваа да излезат се дури не им се омажат девојчињата што немаа грба бидејќи се плашеа дека нема да ги земе никој, Риза Ѓакова откри цел еден свет од сеништа и длабоко сочувствуваше со нив. Слушна за многу случаи на самоубиства помеѓу овој свет на девојќи со грба, за многу мачни судбини, поради кои кога навечер ќе се вратеше дома плачеше како дете. Не само за нив, туку и за себе, а особено за неговата сестра Ферихан. Плачеше на глас. …

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close