Еди Рама сè уште не добил честитки од косовските лидери за четвртиот премиерски мандат
На 19 септември, кабинетот „Рама 4“ положи заклетва пред претседателот на Албанија, со што Еди Рама официјално го започна својот четврти, четиригодишен мандат.
-Прв што му честита на премиерот Рама за повторното назначување на оваа позиција е претседателот на Украина, Володимир Зеленски. Честитки доби и од лидерот на Демократската унија за интеграција од Северна Македонија, Али Ахмети. Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, му честиташе на Рама и на шефицата на дипломатијата, Елиса Спиропали а денеска честитка до Рама пристигна и од Делегацијата на ЕУ во Тирана, објавија албанските медиуми пренесувајќи вест на Косовапресс.
Сепак, додаваат, честитка од Косово изостана.
Од претседателката на Косово, Вјоса Османи, нема никаква јавна реакција или објава на социјалните мрежи поврзана со реизборот и положувањето заклетва на Рама за премиер на Албанија.
Исто така, вршителот на должноста премиер, Албин Курти, не му честиташе на Рама за неговиот нов мандат, по изборите одржани во Албанија на 11 мај.
-Претседателот на Собранието на Косово, Димал Баша, јавно не му упати честитки на Еди Рама за неговиот нов мандат. Тој на средба со амбасадорот на Албанија во Косово, Петрит Малај, му го честиташе изборот на новиот претседател на Собранието на Албанија, но без да го спомене Рама, стои во веста.
Се посочува дека дури и лидерите на другите политички партии во Косово, вклучувајќи ја Демократската партија на Косово, Демократската лига на Косово, Алијансата за иднината на Косово и Социјалдемократската иницијатива, сè уште не упатиле никакви јавни честитки до Еди Рама по повод почетокот на неговиот четврти мандат како премиер на Албанија.
Единствената честитка од Косово што е позната досега е онаа на вршителката на должноста министерка за надворешни работи на Косово, Доника Грвала, која ѝ честиташе на министерката за надворешни работи на Албанија, Елиса Спиропали, но без никаде да го спомене премиерот Рама.
Во врска со ова, Косова пресс се обрати и до канцеларијата за медиуми на Владата, но тие не одговорија.
Инаку, неколку пати се пишуваше за студените односи меѓу албанскиот премиер Еди Рама и вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти.
Несогласувањата започнаа во 2019 година кога Курти ја критикуваше албанската влада за прашања поврзани со образованието и културата. Ова се смета за еден од „првите прекини“ во односите.
Односите се влошија дополнително во 2019 година кога Курти отворено се спротивстави на неколку идеи што Еди Рама истовремено ги промовираше, вклучувајќи идеи поврзани со регионална соработка, граници и политичко влијание.
Тие продолжија дури и кога албанскиот огранок на движењето „Самоопределување“ официјално одлучи да учествува на изборите на 25 април 2021 година. Одлуката на Курти да води кампања во Албанија предизвика критики од неговите политички ривали во Косово, кои ја нарекоа мешање во внатрешните работи на Албанија.
„Самоопределување“ во Албанија учествуваше на последните избори со тројца кандидати, имено Бојкен Абази во регионот на Тирана, Илијаз Шеху во Лежа и Крешник Мерџани во Ѓирокастро, но без да обезбеди мандати.
Во меѓувреме, во јули 2023 година, кога Рама беше во посета на Косово, и покрај неговото барање, сега вршителот на должноста премиер, Албин Курти, одби да го прими премиерот на Албанија на официјална средба.
Во тоа време, Курти рече дека таквиот состанок не го смета разумен без одржување на заеднички состанок на двете влади, кој беше откажан ден пред закажаниот датум во јуни од страна на премиерот Еди Рама.
-Но, во мај 2025 година, Рама и Курти беа на третиот регионален самит за Планот за раст за Западен Балкан. Според фотографиите што станаа вирални на Интернет, беше коментирано ладното ракување меѓу Рама и Курти. Сепак, заладените односи продолжуваат, се посочува во веста на Косовапресс.