Еди Рама, ѕвездата на македонското политичко небо
Насловот не е грешка, туку импресија од начинот на кој во понеделникот и вторникот (30.06/1.07) беше дочекан во Скопје премиерот на Албанија, Еди Рама. Тој, во познатата скопска Стара чаршија беше примен и како туристичка и како политичка атракција. Социјалните мрежи зовреа на фотографиите од неговите посети на Чаршијата и на Чаир. Собра шестпати повеќе „лајкови“ отколку на пример неговиот домаќин, премиерот Христијан Мицкоски, и тоа на негов терен.
Коментаторите под објавите на Рама на Фејсбук го вивнаа во небеса: „Ниту еден албански политичар досега не зборувал лице в лице со Европа“; „Албанија беше непозната во Европа додека не стапивте на сцена“; „Вие ќе им дадете европски пасоши на албанските браќа во Македонија“; „Со секој нов ден повисоко го издигаш името на Албанија“; „Растреси ги овдешните албански бирократи кои ја вратија Македонија назад“; „Единствениот албански политичар што направи историја”. Комплиментите фрчеа од сите страни, нарекувајќи го Рама крал на регионалната политика и единствен кој разговара рамо до рамо со кремот на Европа.
Ваквиот изблик на емоции несомнено произлегува од прогресот што го направи Албанија на патот кон ЕУ и изјавите на европските лидери дека Албанија во скоро време, заедно со Црна Гора, може да стане дел од официјалното европско семејство. Истовремено, пак, додека на социјалните мрежи се редеа суперлативите за Рама, политичкиот спектар на Македонците се занимаваше со изјавата на еврокомесарката Марта Кос за идентитетот. Нејзината несреќна формулација со која таа даде поетска наместо политичка изјава со очигледна намера да избегне лизгав терен, ги разгоре дискусиите и зададе тежок удар врз европската идеја во Македонија. Гледано пошироко, пак, овациите кон Еди Рама како водач на Албанците на европскиот пат и самосожалувањето во кое влегоа Македонците по изјавата на Кос, го покажа контрастот меѓу политичката атмосфера во Македонија и политичката атмосфера во Албанија. Безнадежноста во Македонија, и надежта во Албанија.
Парадоксот на Албанија
Тоа прашање веќе станува непријатно за Македонија, бидејќи проекциите отсекогаш беа дека сме понапред од Албанија и дека Албанија е нашиот сиромашен сосед на кој еден ден ќе му помагаме да ја запознае Европа. Но, се случи обратното. И тоа може делумно да се припише на лошата среќа, или баксузот во случајот со Македонија, но важно е и лидерството, бидејќи ако на кормилото има некомпетентни луѓе или луѓе кои го гледаат само својот и партискиот интерес, тогаш тркалото наместо напред почнува да врти назад.
Мислам дека тоа ѝ се случи на Македонија.
Албанија беше поназад од нас, но успеа навреме да си ги препознае интересите. Еди Рама е личност која ја води Албанија во ЕУ. И затоа од албанскиот свет во регионот е прифатен како победник, лидер и светла точка во децениската политика на демократски мрак и корупција.
За аналитичарите владеењето на Рама е исто така исполнето и со контроверзии и корупциски скандали. Минатиот месец албански портал објави анализа за него под наслов „Двете лица на премиерот на Албанија“, портретирајќи го како човек кој додека добива стоечки овации во европските метрополи, негов близок министер бега надвор од државата за да избегне обвинение. И додека дискутира за реформите со европските лидери, неговиот поранешен заменик премиер се крие во Швајцарија, баран за проневера на стотици милиони. Или како што се посочува во анализата, Албанија е земја на парадокси која живее два паралелни света: едниот што им се презентира на западните сојузници, а другиот што го живеат Албанците.
Тирана нова дестинација
Но, во Албанија, за разлика од овде, каде премиерите не ги даваат министрите, паднаа и беа осудени повеќе министри од опкружувањето на Рама: министер за внатрешни работи за трговија со дрога, министер за здравство за злоупотреба на европски фондови, министер за животна околина за корупција, заменик премиер и министер за финансии избега гонет од обвинителите, и.т.н. Забележливо е дека со Еди Рама овој паралелен свет на корупција од една страна и општество кое се стреми кон европски вредности од друга страна, некако се обедини во една идеја а тоа е европската приказна. Дали тие спротивставени светови ќе се помират? Сигурно не, но Рама, кој и самиот не може да ги избегне корупциските опашки, успешно ги навигира кон заедничката цел.
Албанскиот премиер очигледно го разбра значењето на Европската Унија за неговата земја и го претвори во своја предност која на личен план го трансформираше од балкански во европски политичар. Состанокот на Европската политичка заедница во Тирана, во мај, беше потврда за тоа. На тој самит продефилираа најзвучните имиња, почнувајќи од Урсула фон дер Лајен, Антонио Кошта, Марк Руте, до Емануел Макрон, Фридрих Мерц, Џорџа Мелони, Кир Стармер, Володимир Зеленски, маркирајќи ја на тој начин Тирана како нова дестинација на европската политика. Самиот Рама за да го покаже напредокот што го направи Албанија, ден по состанокот, на своите сограѓани на социјалните мрежи им покажа монтирана фотографија на чиј горен дел се гледаа сцени од демонстрациите на плоштадот по изборите во 1996-тата, а на долниот дел сегашна фотографија од истата локација со европскиот крем во Тирана. Намерата беше очигледна: видете каква беше тогаш Албанија, а каква е сега под мое раководство.
Најавено е и дека следниот НАТО самит во 2027 година ќе се одржи во Тирана како своевидна потврда дека земјата веќе стекнала капацитет и реноме за да биде домаќин на највисоки меѓународни настани.
Ние овде, во Македонија, најдовме илјада и една причина зошто заостанавме зад Албанија. Но, всушност, треба да работиме на афирмација на причините зошто треба да одиме напред.
Соња Крамарска