Еди Рама – Вистина или проект?  

„Албанија ќе побара од Европската унија дали може да ја продолжи кандидатурата за членство одвоено од нејзиниот сосед Северна Македонија, која продолжува да се соочува со бугарско вето. Не сум оптимист оти Бугарија наскоро ќе го укине своето вето за Скопје. Албанија не може повеќе да чека додека двајцата соседи не ја решат својата кавга“, Еди Рама, премиер на Албанија 07.04.2022

Во сенка на украинско-руската војна навидум незабележливо се одржува фреквентна комуникација меѓу Тирана и Софија. Барањето на Еди Рама Албанија да се одвои од преговарачкиот процес кој требаше да го отпочне заедно со Македонија и преговорите со ЕУ да почнат веднаш, стана отворено барање на Албанија. Самостојноста на Република Македонија во изминатите три децении е многу специфична во светската историја, бидејќи со години наназад имавме вето од соседна Грција, а од понов датум имаме вето од страна на Бугарија. И во двата случаи Грција и Бугарија, основен камен на сопнување беше нашиот македонски идентитет. Во услови кога целокупната светска заедница е концентрирана на војната меѓу Руската Федерација и Украина, каде се можни и промени на границите, индиректно укажува на фактот дека и на Балканот се работи во некоја позатворена форма за промена на границите. Ова е предизвик на кој што треба да одговориме ние како Македонци и како Република Македонија, а уште повеќе светските сили кои денес го контролираат севкупниот цивилизациски развој. Не еднаш таканаречените добри односи меѓу две држави завршуваат со пленот кој што се наоѓа токму меѓу нивните државни граници. Познат е невозможниот пакт-договор Рибентроп-Молотов, меѓу Советскиот Сојуз и Германија, од 1939 година, каде две нации спротивставени се договараат да го поделат пленот, а во случајов пленот беше Полска. Да не заборавиме пред 110 години на денешнава територија на Република Македонија се водеа Балканските војни, меѓу завојуваните страни Србија, Бугарија и Грција за поделба на денешнава територија. Во потсвеста на овие држави сè уште постои нивниот апетит кон територијата на денешна Република Македонија, заедно со нејзините граѓани, со дефинитивно појавување на нов субјект кој секако ќе земе учество, доколку дојде до момент да пленот – република Македонија, биде поделен. Од историјата научивме дека Србија и Грција имаат мошне силни пријателски односи и убеден сум дека ќе имаат координирани ставови по однос на Македонија. Во случајов се плашам дека се прави нов сојуз меѓу Албанија и Бугарија околу нивното заедничко учество во можната поделба на Македонија. За оваа моја констатација укажуваат мошне интензивните средби на премиерот Еди Рама и претседателот на Албанија Илир Мета во Софија, оваа година. Изјавата на Еди Рама дека нема да ја чека Македонија за отпочнување преговори со ЕУ, доаѓа во момент кога на европското тло се појавуваат апетити за промени на постоечките граници. Сојузот меѓу Бугарија и Албанија е можен од причини што Албанците се дел од денешна Република Македонија со значителен процент – околу 25-30%. Од друга страна Република Бугарија инсистира да се вметнат во Уставот на Република Македонија и Бугарите, иако по официјалните бројки од извршениот попис, нивното присуство е минорно, ама Бугарите велат дека ние Македонците сме „неосвестени Бугари“ и токму ова освестување кое треба да го направи Бугарија на нас Македонците може да биде повод за воени конфликти во Република Македонија. На многумина од нас многу ни е јасно дека Албанците во Македонија нема да мируваат доколку Албанија ги отпочне преговорите и влезе во европското семејство, а Македонија е сè уште сардисана од своите соседи, без можност да ги отпочне преговорите и да биде членка на ЕУ. Барањето на Албанците го чувствувам за легитимно, бидејќи денес во Македонија функционираат како цврсто етничко ткиво. Убеден сум дека и останатите етнички заедници ќе се придружат кон Албанците сакајќи подобра иднина, бидејќи ние Македонците во сопствената држава стануваме пречка во нивниот развоен пат. Почитувани, ова е само дилема која ме мачи, бидејќи историјата ја толкувам како наука од која треба да влечам заклучоци. Посебно апелот го упатувам кон нас Македонците, бидејќи на Балканот ние сме најзагрозената етничка група по прашањето на етничко опстојување. Апелирам до сите политички субјекти во Република Македонија да разговараат најотворено, да ги отворат сите можни дилеми, бидејќи можните војни ќе предизвикаат страдање само на домицилното население, а ние Македонците да се преброиме и да знаеме што точно сакаме.

 

Трифун Костовски

 

Back to top button
Close