Единаесет лица, меѓу кои и ексминистер, се уапсени во врска со падот на натстрешницата во Нови Сад

Вкупно 11 лица, меѓу кои и поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Томислав Момировиќ, се приведени во врска со падот на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад, која се урна на денешен ден пред девет месеци, усмртувајќи 16 лица.

Натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад се урна на 1 ноември 2024 / Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Ова го соопшти Обвинителството за организиран криминал на Србија, наведувајќи дека лицата се осомничени за сторени кривични дела поврзани со корупција во врска со проектот за модернизација на железницата од Нови Сад до границата со Унгарија, која вклучуваше и реконструкција на новосадската Железничка станица.

Уапсените се осомничени дека преку коруптивни дејствија го оштетиле буџетот за 115 милиони долари.

Во постапката е опфатен и ексминистерот за градежништво, сообраќај и инфраструктура Горан Весиќ кој беше на функцијата од октомври 2022 година до ноември 2024 година, а кој моментално е на болничко лекување. Тој ја наследи министерската позиција од Томислав Момировиќ кој беше на функцијата од октомври 2020 до октомври 2022 година – периодот кога се реконструираше Железничката станица.

Четири месеци по реконструкцијата и големото отворање, на 1 ноември 2024 година, 16 лица го загубија животот, а едно лице беше сериозно повредено по уривањето на натстрешницата на станицата.

Обвинителството соопшти дека во наредниот период ќе продолжи истражувањето на финансиските текови поврзани со други аспекти на проектот за модернизација на железничката траса.

Back to top button
Close