Една година херојска борба на Украина

Веќе е година дена како Русија ја започна агресијата врз Украина. Агресија мотивирана од лудилото на еден диктатор, каков што е Путин. Една година храбра и херојска Украина е на браникот на својот суверенитет и територијален интегритет, но во исто време и на браникот на слободата, демократијата и Западните цивилизациски вредности. Иако Русија сериозно се надеваше на разединетоста на демократскиот свет, сепак бруталната агресија врз Украина го обедини Западот во солидарноста со Украина и украинскиот народ, но и во оправданата и координирана политичка реакција кон режимот на Путин.

Уште во стартот беше јасно дека неутралниот став кон агресијата на Русија врз Украина, во суштина не е неутрален, туку е став со поддршка на војната агресија на Путин врз Украина. Путин имаше за цел многу брзо да го освои Киев, во него да инсталира недемократска, авторитарна и проруска власт. Режимот на Путин не е во состојба да на своите граници може да гледа како се развива Украина во демократски амбиент. Голема успешна демократска приказна во Украина е закана за опстанокот на режимот на Путин.

Задоволство е да се види како и Северна Македонија, со изјавите кои редовно ги потенцираат претседателот на државата, г-дин Пендаровски, премиерот, г-дин Ковачевски, министерот за надворешни, г-дин Османи, министерката за одбрана, г-ѓа Петровска, како и претставници на целата Влада, по прашањето на Украина, е позиционирана на цивилизациската страна, во солидарноста со Украина и украинскиот народ. За жал, дел од претставниците на радикалните политики, дали тие биле ултра лево или ултра десно од политичкиот спектар, и во Европа и во државите од Западен Балкан, или ја оправдуваа или ја релативизираа агресијата на Русија врз Украина. Една година во која малите “путинчиња” на политичката сцена во државите од Европа и од Западниот Балкан се обидуваат во јавноста да ја оправдаат или релативизираат руската агресија врз Украина, па можеме да ги наброиме политичарите од типот на Орбан, Милановиќ, Додик, Вулин, Апасиев… и многу други кои се истакнаа во релативизирањето или оправдувањето на агресијата на Русија врз Украина. Има и такви политичари, како што се Мицковски и Вучиќ, кои одбиваат во своите изјави јасно и прецизно да го осудат лично Путин во злосторничкиот потфат. Во оваа една година Србија на Вучиќ е единствената држава во Европа, како и во регионот Западен Балкан, која се нема усогласено со ниту една одлука на ЕУ по прашањето на санкциите кон Русија. Дел од опозицијата во Србија, онаа која се нарекува демократска, има јасна осуда на Путин и неговата агресија врз Украина. А и сите ние имавме можност во оваа година јасно да видиме кој се во политиката, медиумите, јавниот живот и во Северна Македонија ја оправдува или релативизира руската агресија врз Украина.

Може да се каже дека руската агресија го разбуди Западот, а тоа ќе го забрза членството на државите од Западен Балкан во НАТО и ЕУ. Европската перспектива на Западниот Балкан неоправдано беше запоставена. Запоставената евроатланска перспектива на Западен Балкан помогна да растат авторитарните политики во кревките демократии, потпомогнати со руските инструменти за влијание како што се корупцијата, поттикнувањето на примитивниот национализам, лажните информации кои ги поткопуваат слабите институции, како и медиумска поддршка на политичари кои се склони кон популизам и авторитарни политики.

Од овој агол ќе биде интересно да се направи стручна анализа како медиумите и другите инструменти (лажни вести, поттикнување на примитивен национализам…) преку кои се пласира руската пропаганда реагираат на постигнувањето и спроведувањето на договорите помеѓу државите кои суштински ги отвараат вратите за остварувањето на стратешките цели на државите од Западен Балкан, членствато во НАТО и членство во ЕУ, како што се кај нас Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија, а како истите медиуми и другите инструменти на руската пропаганда реагираат на договорите кои ги промовираат регионалните иницијативи, а не се суштински важни во остварувањето на стратешките цели на државите, како што е иницијативата “Отворен Балкан“. За очекување е дека ваквата стручна анализа ќе даде одговори на прашањето како во Северна Македонија поддршката за членството во ЕУ опаѓа, а поддршката за иницијатива “Отворен Балкан“ е поголема од онаа за членството во ЕУ и зошто е тоа така.

Оваа година отпорот на храбрата Украина, поддржана од Западните сојузници можеби е најдобро опишан во пораката на претседателот Бајден од Киев, во која вели “Една година подоцна, Киев стои. Украина стои. Америка – и светот – застануваат со Украина.“ На сите на стана јасно дека Путин му објави војна на демократскиот свет, не само на Украина. Демократскиот свет мораше да застане позади Украина, како што Украина застана позди него.

Украина ќе победи, слободата ќе победи, демократијата ќе победи.

 

 

Џелал Хоџиќ, претседател на СДА Македонија

Back to top button
Close