Една година по смртта на Махса Амини: Како се промени Иран

Нешто повеќе од една недела пред првата годишнина од нејзината смрт, семејството на Џина Махса Амини повторно се појави во иранската јавност. На 8-ми септември семејството на Инстаграм објави дека би сакало да одржи помен на гробот на Махса на 16-ти септември. Како и секое ужалено семејство, нејзините најблиски ќе одржат религиозна и традиционална комеморативна служба за нивната сакана ќерка, се велеше во објавата на Инстаграм. Семејството на Махса веќе една година е под надзор на безбедносните сили.

Безбедносните сили не го набљудуваат само семејството. Под нивен надзор се многу гробишта во земјата за да спречат собири, бидејќи тие брзо може да доведат до протести како оние пред една година. Иранското раководство сака да го спречи тоа. Семејствата на жртвите се под огромен притисок. „Никогаш досега не сме виделе вакви масовни апсења и притворања на членови на семејствата на жртвите“, напиша активистката за човекови права Шива Назар Ахари во писмениот одгвоор на прашањето на ДВ. Назар Ахари е членка на Иранскиот комитет за човекови права.

„Досега се уапсени повеќе од 40 роднини на жртвите. А, бројот на апсења се зголемува секој ден“, вели Ахари. „Политичките и граѓанските активисти се или во затвор, ги испрашуваат, или им се закануваат. Можеби овие методи привремено ги спречуваат натамошните протести.“

 

Повод за најголемото протестно движење во последните децении

Потсетување: Џина Махса Амини беше уапсена минатата година за време на патување во главниот град Техеран и одведена во полициска станица, наводно затоа што не ја носела соодветно марамата на глава. Во Иран постои строга обврска за жените да носат хиџаб на јавно место. Неколку часа подоцна таа е одвезена од полицискиот притвор во болница. Три дена подоцна, на 16 септември, официјално беше прогласена за мртва.

Масовниот протест започна со погребот на Џина Махса Амини во нејзиниот роден град Сагес, курдски град во западен Иран, и брзо се прошири низ целата земја. Учесниците, претежно млади жени, ги симнаа марамите. Нивното мото беше: „Жена, живот, слобода“.

Собирите на жените ширум земјата прераснаа во најголемите и најдолготрајни протести од основањето на Исламската Република во 1979 година. Властите одговорија на ова со масовна репресија и со насилство. Тешко е да се добијат точни бројки, но според независните организации за човекови права, безбедносните сили во Иран убиле најмалку 527 демонстранти, меѓу кои и 17 малолетни, за време на протестите помеѓу 16 септември 2022 година и крајот на јануари 2023 година.

 

Хиџабот како симбол на систематско угнетување

Активистката за човекови права Шива Назар Ахари е убедена дека овие протести трајно ги промениле политичките и општествените односи во иранското општество.

Една од најзначајните промени се однесува на новото појавување на жените во јавност. И покрај построгите казнени мерки како што се паричните казни, многу жени одбиваат да носат задолжителна шамија. Тие ја гледаат како симбол на систематско угнетување и понижување и повеќе не сакаат да им се потчинат на правилата поврзани со неа.

Од Исламската револуција, имиџот на жената игра важна улога во државната идеологија. Жената без хиџаб се смета за симбол на либералниот, западен начин на живот и конзервативните сили ја гледаат како напад против исламската култура. Иранските жени се дискриминирани со децении.

 

Властодршците се борат против сопствениот народ

„Станува збор за прогресивно движење кое долгорочно ќе вроди со плод“, смета меѓународно познатиот скулптор Барбад Голшири, кој сега живее во Париз. Во интервју за Дојче веле, тој вели: „Движењето ‘Жена, живот, слобода’ во моментов води кон културна револуција која произлегува од најнискиот слој на општеството. Тој ги доведува во прашање вредностите, кои деспотите уште од 1980-тите одозгора сакаат да му ги наметнат на општеството“.

Во тоа време, властодршците во рамки на Исламската револуција, го исламизираа образовниот систем, ги принудуваа жените да носат шамии на јавно место и протеруваа независни културни работници и научници во егзил или ги апсеа. На крајот на 1980-тите, политичките затвореници беа масовно егзекутирани.

Иранскиот парламент на 22 август го одобри контроверзниот закон со кој ќе се воведат построги казни за кршење на исламските кодекси за облекување. Тие вклучуваат и до 15 години затвор за повеќекратни прекршоци. Објавувањето фотографии на жени без шамии на интернет е исто така кривично дело. Покрај тоа, планирани се и забрани за излез. Судството се заканува дека ќе ги затвори супермаркетите, рестораните и музеите кои дозволуваат влез на жени без шамии.

Наспроти тоа, законот предвидува поголема заштита на религиозните жени. Кој навредува жени со шамија, може да заврши зад решетки шест месеци или да биде казнет со 74 удари со камшик. На овој начин, властодршците се обидуваат да предизвикаат раскол меѓу населението и да го спречат ширењето на прогресивното женско движење кое претставува голема закана за режимот во Техеран. (Dw)

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close