Една година по трагедијата: Исти прописи за добивање лиценци

63 срца со имињата на сите настрадани во пожарот поставени кај руинираниот објект во кој до пред една година непречено функционираше нелегалната дискотека

Лузните од изгорениците постепено се лекуваат, смртта на 63 млади луѓе останува отворена рана за нивните блиски, а заложбите за „ресетирање на системот“ се сведуваат на отворени критики дека и по една година од трагедијата во Кочани не е сменет ниту еден пропис во однос на условите кои правните субјекти треба да ги исполнат за да добијат лиценци за работа.

Кај споменикот на смртта, руинираниот објект во кој до пред една година непречено функционираше нелегалната дискотека „Пулс“, вчера беа поставени 63 срца со имињата на сите настрадани во пожарот. Здружението на граѓани „16-ти Март“ таму утрово со минута молк им оддаде почит на жртвите во 2 и 32 часот, моментот во кој пред една година избувна пожарот во „Пулс“ и го зави Кочани во црно.

Апсурдна квалификација

Семејствата што загубија деца, родители, браќа, сестри, бараат правда за нивната загуба. Додека во изминатиот период тие реагираа поради одлагање на рочиштата, во правната фела дилемите се вртат околу една оска: правната квалификација на делото.

Адвокатот Петре Шилегов, кој е бранител на поранешен советник во Министерството за економија, смета дека со таква правна квалификација за случајот може да се стигне каде било, освен до брза завршница на случајот. Според него, истата правната квалификација за сите 37 обвинети – предизвикување општа опасност и соучесништво, е апсурд сам по себе, бидејќи сите се обвинети дека заедно свесно го запалиле објектот „Пулс“.

Северна Македонија Кочани 2026 | Една година по катастрофалниот пожар во ноќниот клуб „Пулс“
Една година по катастрофалниот пожар во ноќниот клуб „Пулс“ гласни се критиките дека не е сменет ниту еден пропис во однос на условите кои правните субјекти треба да ги исполнат за да добијат лиценци за работаФотографија: Toshe Ognjanov/DW

„Предизвикување општа опасност е непосредно кривично дело, што сега се извршува: тоа што моментално ќе го направите – да предизвика пожар како последица. Во конкретниот случај не може луѓе што работеле во државната администрација во процесот на издавање на лиценците на кабарето, да ги обвините дека го предизвикале, односно подметнале пожарот”, рече Шилегов на ТВ Сител, додавајќи дека во тоа обвинение нема ни здрава логика, уште помалку правна наука.

Поради овие причини, правни експери и досега изјавува оти сметаат дека дел од обвинетите (министри, градоначалници, службеници) требало да одговараат за други кривични дела – злопотреба на службена должност, несовесно работење во службата или примање поткуп.

Едногодишен документ

Според Шилегов, ако сакаме да се ресетира системот, тогаш предметот треба да се води онака како што го води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (за полициските службеници).

„Тоа е систем. Ова што сега го правиме е веројатно поради огромниот притисок поради трагедијата. Јавното обвинителство се обидува да му даде форма на барањето за линч на јавноста во тој период“, оцени адвокатот.

За прашањата околу верижни пропусти поради кои се стигнало до штетната последица, и дали може да се утврди нивна поврзаност (каузалитет), одговор дава фактичката состојба.

„Лиценцата е годишен документ. Се издава за период од-до. Нема каузалитет. Ново барање – нова лиценца“, посочи Шилегов.

Потсетува дека за еден правен субјект да добие лиценца за работа биле потребни пет документи, без да се изврши увид на лице место. Но, и по пожарот во „Пулс“ сѐ останало исто.

„Од трагедијата наваму не е сменет ниту еден пропис кој правните субјекти треба да го исполнат како услов за да добијат лиценци, што за мене е неприфатливо и несфатливо“, вели тој.

Што е направено?

Министерот за здравство Азир Алиу на завчерашната Меѓународна конференција организирана од Владата „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа“, презентираше Национален план за справување со масовни жртви, усвоен на последната владина седница. Оцени дека станува збор за прв таков документ во државата, изработен со поддршка на Светската здравствена организација (СЗО).

Планот е резултат на научените лекции од повеќе трагични настани во изминатите години – автобуската несреќа во Ласкарци, пожарот во модуларната болница во Тетово, автобуската несреќа во Бугарија и трагедијата во Кочани. Според Алиу, овие настани покажале дека при трагедии со масовни жртви, покрај човечката пожртвуваност, потребна е и усогласена и подготвена институционална реакција.

Северна Македонија Кочани 2026 | Една година по катастрофалниот пожар во ноќниот клуб „Пулс“
Празни бели столчиња на плоштадот во Кочани за 63-цата загинати во пожаротФотографија: Toshe Ognjanov/DW

Планот ги дефинира улогите и одговорностите на сите надлежни институции и го структуира одговорот на три клучни нивоа. На стратегиско ниво предвидува активирање на кризно управување, централизирано донесување одлуки и меѓусекторска координација. На ниво на здравствена установа, ја утврдува организацијата на прием и третман на голем број повредени, мобилизација на персонал, опрема и одржувањето на континуитет на здравствените услуги. На предболничко ниво на организација на институциите се утврдува теренската тријажа и укажувањето медицинска помош, евакуација и транспорт.

Изготвен е и првиот национален протокол за изгореници, кој претставува клучен чекор во стандардизирањето и унапредувањето на третманот на пациентите со изгореници на национално ниво. Според министерот за здравство, во завршна фаза е и изработката на АТЛС-протокол за напредно одржување во живот при трауми.

Внатрешни и надворешни лузни

„Има лузни што се видливи, со нив е полесно, може да се чекуваат. Потешко е со оние што не се гледаат“, велат повредени кои во пожарот изгубиле блиски пријатели.

Околу 140 од над 200 повредни во пожарот и натаму добиваат медицинска поддршка. За нив лекувањето продолжува. Директорка на Општата болница во Кочани, Катерина Паниќ-Мирчовска, посочи дека во блиска иднина за дел од повредените – кај оние каде што дозволува состојбата – ќе почнат и хируршки интервенции.

„Тоа се сложени лузни, сложени повреди и не треба да се брза. Секоја избрзана одлука може да значи и формирање на нова лузна и треба да бидеме претпазливи”, изјави директорката.

Министерот за здравство, Азир Алиу, најави дека дел од нив ќе заминат во странски клинички центри заради здравствени услуги кои ги нема во нашите болници.

Доколку лекарите проценат дека е потребна натамошна рехабилитација и ова лето ќе бидат организирани медицински третмани во одморалиштето на Пониква.

Во знак на почит кон настраданите, во текот на изминатите два дена беа организирани велосипедска тура, кошаркарски натпревар, меморијален планинарски марш… Општина Кочани им додели благодарници и признанија на повеќе од 30 поединци и институции кои вложија натчовечки напори при справувањето со трагедијата. Нивните сведочења открија многу моменти на тага и храброст, солидарност и емпатија (dw)

Back to top button
Close