Една лента од автопатската делница Требеништа-Охрид се очекува да биде комплетно завршена во август, вели Бочварски

Министерот рече дека оваа автопатска делница е врвен приоритет и оти ниту Владата, ниту Министерството, ниту, пак, Јавното претпријатие за државни патишта не прифаќаат пролонгирање на роковите за изградба оти, како што нагласи, рокот за изградба на автопатот мора да биде испочитуван
Инаку, изградбата на автопатот стартуваше во 2014 година, но рокот за завршување се пролонгираше во неколку наврати. Последниот утврден рок за негово завршување е крајот на 2023 година
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска најави дека десната страна од автопатската делница Требеништа кон Охрид се очекува да биде комплетно завршена и пуштена во употреба кон почетокот на август, а левата лента да биде завршена до крајот на годинава.

Министерот денеска изврши увид на градежните активности на делницата, на осум и пол километри пред Охрид, при што информира дека се во тек завршните работи за асфалтирање, а оти вкупниот прогрес на градежните работи изнесува 70 проценти.

„Денеска ќе се вградат 320 тони асфалт – прв слој, а веќе утре се засилуваат асфалтерските работи со вградување и по 900 тони асфалт дневно. Таквите активности ќе продолжат во тек на целата градежна сезона на сите подделници на автопатот во должина од 57 километри, во вредност од 598 милиони евра“,

рече Бочварски и додаде дека по должина на целата траса има над 700 работници и над 280 градежни машини.
Министерот рече дека оваа автопатска делница е врвен приоритет и оти ниту Владата, ниту Министерството, ниту, пак, Јавното претпријатие за државни патишта не прифаќаат пролонгирање на роковите за изградба оти, како што нагласи, рокот за изградба на автопатот мора да биде испочитуван.

Според него, активно се работи и на останатите подделници на клучките и на тунелот којшто е во завршна фаза. Извршено е комплетно препроектирање на 25 проценти од целата траса, а Министерството ги одобри потребните 70 инфраструктурни проекти и сега, потенцира, имаме чист терен за работа.

Дополнително, укажа министерот, се водат и постапки и се градат паралелните пристапни патишта со приклучок на постоечките објекти во должина од околу 30 километри. Се гради контролен центар со комплетна опрема за сообраќајна сигнализација вдолж целата траса, така што, работата никаде не е застаната, континуирано се гради за да изградиме модерен и безбеден автопат.

„Свесни сме дека има реакции од граѓаните, но верувајте дека максимално сме посветени и сме во секојдневна комуникација и координација за разрешување на секој еден проблем од овој автопат за да биде изграден комплетно со сите елементи за да биде безбеден за патување на граѓаните“,

посочи министерот за транспорт.
Инаку, изградбата на автопатот стартуваше во 2014 година, но рокот за завршување се пролонгираше во неколку наврати. Последниот утврден рок за негово завршување е крајот на 2023 година.

Back to top button
Close