Една жртва во невремето во Грција, предизвикани материјални штети

Едно лице загина како последица на невремето што зафати повеќе региони во Грција, проследено со обилни врнежи, грмотевици и силен ветер.

Противпожарните служби рано изутринава извлекле безживотно тело на маж од под автомобил во реонот на Неа Макри, во источниот дел на областа Атика. Во интервенцијата учествувале четворица пожарникари со две возила. Според медиумските информации, станува збор за маж со полско потекло, кој живеел во сутерен. За време на поплавата излегол да ја провери состојбата по што бил завлечен од надојдените води.

Невремето предизвика сериозни проблеми во повеќе делови од земјата. Во областа Атика, каде што се наоѓа и Атина, пријавени се поплавени улици и приземни простории, како и паднати дрвја, при што се извршени многубројни интервенции за одводнување.Властите преку системот за итно предупредување ги повикаа граѓаните да избегнуваат непотребни патувања и да ги следат препораките. Предупредување е испратено и до жителите на Родос.

На аеродромот во Ираклион на островот Крит се регистрирани нарушувања во авионскиот сообраќај поради намалена видливост предизвикана од африканска прашина од Либија и Египет. Некои од летовите биле пренасочени.

Поради невремето, наставата е откажана во неколку региони, а забележани се и прекини во поморскиот сообраќај, при што некои од фериботските линии се откажани.

Метеоролозите од утре најавуваат постепена стабилизација на временските услови.

Back to top button
Close