Едно лице повредeно во експлозија на плинска боца во стан во центарот на Куманово 

Едно лице е повредено од експлозија на плинска боца  што се случила попладнево на ул. „Моша Пијаде“ во Куманово, соопштија надлежните од кумановската Општа болница и Единицата за територијалната противпожарна заштита (ТППЕ) Куманово.

Според податоците на надлежните, при експлозијата е повредено 30 годишно лице, кое по првичната помош во кумановската болница поради сериозноста на повредите е префрлено на натамошно лекување на клиниките во Скопје.

Експлозијата, според очевидци, се случија околу 13 часот. Во изјава за медиумите тие рекоа дека ударот бил силен, а веднаш пристигнале екипите на ТППЕ, Итната медицинска помош и на полицијата.

Причина за експлозијата е плинска боца. За жал има и повредено лице. Штетата е голема, избиени се прозорците, вратите. Кај нас пожарот е пријавен во 13.35 часот, интервениравме со едно противпожарно возило и шестмина пожарникари. Дојде и ЕВН, ја исклучија струјата, изјави командирот на смена Чедомир Кипријановиќ од ТППЕ Куманово.

Полицијата се уште врши увид. Оттаму информираат дека било пријавено дека во стан на ул. „Моша Пијаде“ во Куманово, сопственост на Ф.Д.(30) настанал пожар од експлозија на плинска боца, при што станот целосно е опожарен. Од пожарот со тешки телесни се здобил сопственикот кој бил пренесен во Клиничкиот центар  „Мајка Тереза“ во Скопје за укажување лекарска помош. Екипа од Територијалната противпожарна единица Куманово го изгаснала пожар. Увидот е во тек.

Back to top button
Close