Еднодневните „херои“ на денешното време

Не се станува народен херој со стоење во место и вербално плукање.

Од свеченоста во Прилеп по повод Денот на народното востание
Од свеченоста во Прилеп по повод Денот на народното востание

Од свеченоста во Прилеп по повод Денот на народното востание

Нема празник без инцидент. Она во Прилеп и не може да се нарече инцидент, туку тежок срам. Во тек е кампања за локални избори, и секоја партија може на кое било место да изрази критика и несогласување со политиките на Заев или кој било друг политичар. И Левица имала стотици начини и можности да изведе критички перформанс кон премиерот. И можела да се потруди барем да не ги засегне чувствата на семејствата на загинатите борци, кога веќе покажа дека воопшто не и е битно дали генерално ќе го „унереди” празникот на сите што живеат во Македонија.

Фактот дека Левица за своја сцена го избра местото на кое се искажува почит кон жртвите за денешната држава и слобода, говори многу повеќе и многу поинаку за неа, од она што тие го очекувале како ефект. Секако дека има такви што им рекле „браво дечки, алал да ви е“, ама ако е тоа нивото и менталната матрица на нивните политики со кои планираат да ги поразат актуелните, извесно е дека патот не е добар. Во општество кое се дави во тензии, поларизации и поделби, потребно е да деескалира речникот на навреди и омаловажувања, а не да се унапредува.

Но, ништо не е случајно. Кога премиерот на партиски митинг ќе си дозволи непристојна гестикулација и кога нема да се извини за тоа, испраќа порака дека се е дозволено во начинот на кој се разбира, третира и „унапредува” политичката култура. Во таква ситуација, секогаш ќе се најдат „некои нови клинци“ што  ќе посакаат сочно да се промовираат низ јазикот на непочитта и непристојноста. Додека да сфатат дека Могилата на непобедените не е место за тоа, отиде возот. Но, уште полошо е ако свесно го избрале меморијалниот комплекс. А кога Апасиев објавува заедничка фотографија со партискиот колега (кој му „држеше лекција“ на Заев), и го нарекува „денешниот прилепски нареден херој“, само потврдува дека локацијата е свесно избрана.

Nord-Mazedonien | 80. Jahrestag des Aufstandes gegen den Faschismus | Regierungsdelegation

Не се станува народен херој со стоење во место и вербално плукање. Сребра Тодевска е пример за тоа. Така само се потврдува незнањето и непочитта кон храброста и жртвите кои биле дадени за оваа држава. Зарем оние шеснаесет млади партизани, кои се симбол на почетокот на народното востание, биле позери кои само стојат во место?

„Прилепскиот херој“ на Апасиев, вчера за медиуми изјавил дека „планот бил само да стојат таму, ама тој не можел да се воздржи на присуството на Заев и владината делегација“.

Воздржувањето е особина што го разликува човекот од суштества кои немаат моќ да промислуваат. А што ако вербалниот излив не бил доволен, и ако левичарот не успеал да се воздржи од други „активности“? Мислело ли водство на Левица на овие аспекти или се уште е заглавено на нивното највисоко оперативно ниво на дејствување наречен „ќе реметиме“. Апасиев е професор на Правен факултет и треба да знае дека во случајов не зборуваме за Зоран Заев, Петко Петковски или Трајко Трајковски, туку за институцијата премиер. Едно е да не го почитуваш Заев, а сосема друго тој став да го изразиш на релевантен начин, кој нема да ја попречи институцијата премиер во обавувањето на неговите активности.

Патем, дали е ова најдобриот начин на кој еден професор треба да ги инспирира младите и да ги учи студентите за право и правна држава?

Партија која тврди дека се залага за почитување на законите и за зачувување на идеалите на македонската државност од распродажба на други, би требало да постапи на поинаков начин од вчерашниот. Вака ја брише границата меѓу критикуваното и делата на критичарите.

Второ, важно е јавноста да добие одговор кој дозволил таа мала група да го окупира платото? Дали од Левица закажале протест и уредно го најавиле, штом никој од надлежните не ги замоли да го отстапат узурпираниот простор за слободен приод на сите делегации? Без одговор на ова прашање, произлегува дека секој може да се „паркира” каде што сака и кога сака, и да попречува нешто.

Основниот впечаток е дека нештата се оставени да се одвиваат во безвоздушен простор на една компромитрана ставарност без цврсто тло, во која алхемичари-илузионисти на еден срамен и наврeдлив начин се обидуваат да влијаат врз јавноста нa несвесно ниво, токму како што налага нивната струка. Така ниту се гради, ниту се чува држава. Правна – најмалку.

Катерина Блажевска

извор: ДВ    

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close