Системско решение за жените земјоделки да ги имаат истите права како и останатите со право на породилно отсуство

Во склоп на кампањата „Гласна и храбра“ која ја спроведува Министерството за труд и социјална политика посветувајќи го месец март на менталното здравје и благосостојба на жените како предуслов за родовата еднаквост вчера заедно со Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство организираа настан во општина Кривогаштани за промоција на Програмата за поддршка за социјална сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност и поддршките наменети за земјоделките преку програмата за финансиска поддршка за рурален развој 2023 година.

На настанот покрај министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска зборуваа и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, Претседателката на Националната федерација на фармери, Васка Мојсоска и Градоначалникот на Кривогаштани, Никола Мискоски како домаќин на настанот.

 

„Бевме многу храбри и гласни и заедно со Националната федерација на фармери уште од 2019 година работевме токму на изнаоѓање на решение како жените земјоделки да ги имаат истите права како и останатите жени кои работат а тоа е правото на породилно отсуство, Правото на мајчинство. Дојдовме до ова решение благодарение на сензитивноста на сите вклучени релевантни фактори. Ова е привремено решение, затоа ние продолжуваме со работа за да дојдеме до системско решение“, истакна министерката Тренчевска.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николоски се осврна на мерките и политиките на министерството. Тој рече дека жените земјоделки за прв пат во историјата добија право да користат платено отсустсво за мајчинство.

„Изнајдовме модел преку посебна програма, финансирана од буџетот на Платежната агенција, да им се исплати еднократна финансиска поддршка во износ од 81.000 денари. Ова е преодно решение, но имајќи во предвид дека целната група се жени земјоделки, ќе останеме силно посветени за трајно системско уредување на правото за платено породилно отсуство“, истакна Николовски и порача дека работата на жените земјоделки и нивниот придонес во општеството, ќе бидат вреднувани како што треба и како што заслужуваат.

„Јасно дека жените ја препознаа нашата поддршка, ја користам оваа прилика да ги повикам да аплицираат и за другите мерки од нашите програми“, рече министерот Николоски.

Претседателката на Националната федерација на фармери, Васка Мојсоска посочи дека станува збор за афирмативна и развојна мерка која не е популистичка и истакна дека има заштитни механизми за да не биде злоупотребувана. Таа истакна дека со ова се овозможува да се развива земјоделството како професија и ќе влијае позитивно на зголемување на бројот на регистрирани земјоделки.

Настанот го затвори градоначалникот на Кривогаштани, Никола Мискоски.

„Општина Кривогаштани согласно своите можности е насочена кон идентификување на потребите и распределбата на потребните ресурси за да се затвори родовиот јаз, а од друга страна, ги поддржува жените а особено-земјоделките во нивната борба за права и пристап до ресурси з можности преку учество во креирањето на политики на локално ниво“ рече Мискоски.

На настанот беа присутни повеќе од 150 лица кои имаа можност да постават прашања на говорниците согласно нивните интереси и актуелни теми.

извор: Бриф

Back to top button
Close