Еднорогот Медо

(Обраќање на комеморацијата во чест на Горјан Тозија-Медо)

Кога ми се јавија рано утрото Мелита и Деки, ми беше јасно што имаат да ми соопштат. Почина Медо. Од тој момент досега и понатаму не престануваат флешови во меморијата која ме врати дури во средината на 70-тите кога бев мало дете. Тогаш мојот Мето и неговиот Драги беа пријатели и јас, како некој со неполни 10 години, бев секогаш привезок во друштвата и гурманските ритуали на Драги и Мето. Тогаш знаев дека има некој Горјан кој е син на Драги, некој кој, со оглед на возраста, разбирливо, не беше во придружба на неговиот татко и беше таму негде по летувања, кој знае каде. Си го замислував од муабетите кои те тераат да посакаш да бидеш токму тој кога ќе пораснеш.  Само слушав за него дека постои. И оттогаш Мече е за мене како некое митско суштество кое, од како го запознав, сфатив дека е баш така и дека Мече е уствари еден од оние убави еднорози од приказните.

Огромното мнозинство луѓе припаѓаат некаде, во некоја група, каква и да е, а малкумина се оние на кои им е фрлена честа, но и проклетството да бидат еднорози. Тие немаат свое стадо, немаат водач.. и тоа ниту го сакаат, ниту пак знаат како да му припаднат на стадото колку и да им е тешка осамата. Тоа се луѓе кои мечтаат, луѓе осудени да фантазираат, да идеализираат, свесни дека нивните фантазии и идеали, најверојатно никогаш нема да се оставарат.

Мече беше еднорог и не обичен еднорог, туку од оние ретките кои успеваат околу себе да врзат многумина други такви, фантазери, луѓе полни со љубов која не ја собира ниту во една институција од која било природа. Еднорозите по својата вокација се суштества кои не признаваат водач. Но колку и да звучи парадоксално, Мече беше еднорогот кој едноставно стана кохезивната сила на тие неколку стотици еднорози кои трчаат во сенките на градов, вешто избегнувајќи ги стапиците на малограѓанштината, предрасудите и стереотипите. Во еднаквоста на поредокот на еднорозите, Мече беше првиот.

Последниве две години ги минав во интензивно друштво на Мече со кого ја градевме визијата  или фантазмагорија, не знам што да кажам…за нашата Преспа. Моја, негова, на нашите татковци , дедовци и прадедовци. Мече ми беше нешто како сосема автохтон производ на таа магија на Преспа, која ја доживеале сите кои ѝ се препуштиле. Со Мече низ долги разговори низ кои, како што знаете, имаше многу детали меѓу нас, но и со многумина други еднорози ја замисливме Преспа како простор на кој еднорозите ќе можат да се најдат повремено и да уживаат во мирот и спокојот на Преспа, заштитени од идеолошките, религиозни, национални и други стада кои ја имаат реалната моќ.

Во настојувањето да ја реализираме визијата, јас честопати паѓав кога се соочувавме со апсурдот на бирократијата „исплакната“ од секаква емпатија, емоција, страст, визија, желба и љубов. Јас се повлекував, се лутев , излегував од групи, а Мече упорно ме враќаше. Инаку, подеднакво свесен како и јас за нашата сизифовска мисија. И Мече ме враќаше, ќе ме фатеше за врат и ме враќаше назад. Така и ја завршивме нашата преписка на вибер. Побара одмор месец, два за да се нафатиме повторно решително, како ништо да не било. Тоа беа последните наши пораки од пред три дена. Тука завршивме јас и мојот единствен признат шеф, мојот еднорогот Мече.

Знам дека сме наивни идеалисти, ама твоето заминување е мој аманет, колку и да е цврст тој ѕид на стадата кои нѐ демнат да не се откажам, ако ништо друго, од фантазирањето за Преспа како регионален центар на еднорозите кои во дадениве околности се единствениот потецијал кој би можел да промени нешто. Мече…во мое име и во име на многумина овде други кои ги гледам…Фалат ти за сѐ..Беше чест и задоволство да се биде барем малку еднорог, каков што беше ти.

Борјан Јовановски

Back to top button
Close