ЕДС: Демантираме дека сме одбиле договор за исплаќање на долгот на КЈП „Водовод“ Кочани на рати

Компанијата ЕДС – Energy Delivery Solutions преку соопштение доставено до медиумите, демантира дека одбиле договор за исплаќање на долгот на КЈП „Водовод“ Кочани на рати.

„Би сакале да реагираме во однос на тврдењата кои што се појавија во медиумите, а се во врска со договорот за снабдување со електрична енергија меѓу нашата компанија и КЈП „Водовод“ Кочани.

ЕДС е компанија која што веќе 10 години работи на македонскиот пазар по највисоки професионални стандарди и има целосно разбирање за предизвиците со кои што се соочуваат сите деловни субјекти во енергетска и во финансиска смисла. Како општествено одговорна компанија, кога ќе дојдеме во ситуацијата некои од клиентите да се соочуваат со проблеми при подмирувањето на своите обврските, ние работиме со нив да најдеме начин како соработката да продолжи зависно од износот на долгот и можностите на клиентот, особено кога се работи за клиенти чија примарна дејност е давање услуги кон граѓаните и домаќинствата.

Оттаму сакаме да ја демантираме информацијата дека нашата компанија во овој случај одбила договор за исплаќање на заостанатиот долг за испорачана електрична енергија од страна КЈП „Водовод„ Кочани на рати. Напротив, нашата компанија демонстрираше флексибилност и висок степен на разбирање за состојбата и достави предлог договор за исплата на заостанатиот долг токму на рати и со релативно низок износ на месечен ануитет со цел да се излезе во пресрет на клиентот“, велат од ЕДС во соопштението доставено до медиумите.

„Како и секогаш, и во овој случај ние работиме со нашите клиенти да најдеме заеднички решенија кои нема ги оптоварат во овие услови на криза, но истовремено ќе обезбедат редовно подмирување на долгот за електрична енергија, а со тоа нема да се загрози испораката на електрична енергија и кон останатите наши клиенти во балансната група, која што пак ЕДС ја плаќа авансно. Потврда за оваа наша посветеност да се продолжи соработката говори и договорите за исплата на долгот на рати постигнати со други претпријатија.

И во оваа прилика, чувствуваме должност уште еднаш да го повториме нашиот апел, особено до јавните претпријатија и општините, дека имајќи ги предвид актуелните состојби во енергетскиот сектор од клучно значење е редовното и навремено подмирување на сметките за електрична енергија, разумното и одговорно планирање на буџетите за потрошувачка на електрична енергија од страна на надлежните сектори и секако рационално користење на енергијата“, се додава во соопштението на ЕДС испратено до медиумите.

Back to top button
Close