ЕФН: Затворањето на „Раша тудеј“ и „Спутник“ во ЕУ не е најдобра стратегија против дезинформациите

Европската федерација на новинари (ЕФН) вели дека е свесна оти информациите што произлегуваат од медиуми финансирани од Кремљ се во служба на власта, но за бранителите на слободата на говор во Европа затворања и забрани не се соодветен одговор за борба против дезинформации и пропаганда

Европската федерација на новинари (ЕФН) предупредува дека забраната за емитување на руските медиуми „Раша тудеј“ и „Спутник“ на европско почва може да биде контрапродуктивно, откако вчера Европската Унија најави дека на руските медиуми поддржани од власта ќе им биде забрането емитување во Европа.

Војната во Украина е и информациска војна, посочи вчера шефот на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел, велејќи оти за Европската Унија е неприфатливо да се шири пропагандата на рускиот претседател на нејзината територија и дека се преземаат мерки за забрана на емитување во Европа на руските медиуми „Раша тудеј“ и „Спутник“.

Претходно, ваква мерка беше преземена во Германија пред неколку недели, по што Русија одговори со забрана на германскиот медиум „Дојче веле“ на руската територија.

„Ризикот од политиката на цензура се исто така последиците што може да се очекуваат во Русија, како што видовме со затворањето на ‘Дојче веле’ како одговор на затворањето на ‘Раша тудеј’ во Германија. Резултатот на овој чин беше осиромашување на медиумскиот плурализам во Русија. Руските граѓани таму го изгубија правото на пристап до информации емитувани од ‘Дојче веле’. Тоа е жално“,

вели Рикардо Гутиерез, генерален секретар на Европската федерација на новинари (ЕФН) за МИА.

Федерацијата вели дека е свесна оти информациите кои произлегуваат од медиуми финансирани од Кремљ се во служба на таа власт, но за бранителите на слободата на говор во Европа, затворања и забрани не се соодветен одговор за борба против дезинформации и пропаганда.

„Затворањето на еден медиум не ни се чини како најдобар начин за борба против дезинформации и пропаганда. Овој чин на цензура може да има целосно контрапродуктивен ефект кај оние кои ги следат овие медиуми. Подобро е според нас да се спречи дезинформацијата на пропагандистичките медиуми преку изложување на нивните погрешни факти или лошиот квалитет на нивното новинарство, преку докажување на отсуството на нивната финансиска и оперативна независност, преку укажување дека се во служба на владините интереси и дека го презираат јавниот интерес“,додава Европската федерација на новинари.

Оттаму додаваат дека самиот чин на затворање на медиуми е „сериозен“.

„Да се затвори медиум е сериозен чин, кој мора да се темели на солидна законска база, избегнувајќи секаква арбитрарност. Предизвикот на демократиите е борбата против дезинформациите истовремено зачувувајќи ја слободата на изразување. За ЕФН, други стратегии треба да се поддржат: зголемена поддршка за независното новинарство, промоција на медиумскиот плурализам, промоција на медиумското образование за сите, зголемена транспарентност на оние кои ја имаат моќта“,додава генералниот секретар 

Во текот на денот се очекуваат детали за оваа одлука на Европската унија, но и можен одговор од Русија наскоро.

Back to top button
Close