Џефри Сакс фатен во орото на српско-руската пропаганда во македонските медиуми

Веќе извесно време сме сведоци на засилена руско – српската пропаганда во дел ( сега надграден и проширен) од македонските медиуми, кој доби на интензитет особено по изгласувањето на резолуцијата за Сребреница, и пристигањето на западната помош за Украина и одобрувањето на „ограничено“ користење на западното (американско) оружје врз воени цели на руска територија.

 

За таа цел се користат најразлични, помалку или повеќе „релевантни“ извори, од  заканите на официјални српски и руски државни функционери, до  дискредитирани антиамерикански пропагандисти – путинисти, како што е случајот со контроверзната американска медиумска личност, Такер Карлсон – антиамерикански пропагандист, десничар, теоретичар на заговор, поранешен Трампист, мизогин, расист, хомофоб кој  го интервјуираше рускиот претседател Владимир Путин, и „соучесникот“ во неговото интервју, универзитетскиот професор и директор на Центарот за одржлив развој на Универзитетот Колумбија, економски советник на владите во Латинска Америка, Источна Европа и поранешниот Советски Сојуз, Џефри Сакс.

Додека за Такер Карлсон и неговите проруски ставови ЦИВИЛ Медиа веќе пишуваше, за него, и неговото интервју со Џефри Сакс, експертот за управување со конфликти со петнаесетгодишно искуство на терен, како и предавач и аналитичар за надворешна политика од Институтот Џонс Хопкинс SAIS (Школа за напредни меѓународни студии), Едвард Џозеф, во одговор ексклузивно за ЦИВИЛ Медиа ќе каже:

Прво, и најважно е дека ова интервју не е важно. Малку луѓе зборуваат за тоа во САД. Откако ја загуби својата позиција во Фокс Њуз, и отиде сам на Твитер, Такер Карлсон исто така изгуби голем дел од своето влијание. Во Фокс, тој беше дел од целиот систем на про-Трамп мислење; сега, Карлсон е сам, па неговите емисии немаат засилување на цела мрежа, вели Џозеф и додава: Дури и Владимир Путин не беше импресиониран од Карлсон. Рускиот претседател го посрамоти Карслон во нивното интервју, а подоцна изрази разочарување од прашањата што ги постави Карлсон.

Македонските медиуми во одбрана на ликот и делото на Александар Вучиќ

Она што сега ги возбуди духовите во дел од македонските медиуми, повеќето традиционално ангажирани во одбрана на ликот и делото на српскиот претседател Александар Вучиќ и следствено на тоа во ширењето на српската пропаганда, е токму интервјуто на Карлсон со, како што го нарекуваат, познатиот американски економист Џефри Сакс, во кое вториов, кој е некритички пренесен, „брутално искрено“ ќе изјави дека САД го бомбардирале Белград за да ја распарчат Србија и да создадат држава Косово каде што ќе имаат воена база, како и неговото откривање на „новата вистина“дека мотивите за НАТО бомбардирањето на Србија во 1999 година биле спасувањето на производителите на оружје, како повисок приоритет за коалицијата НАТО отколку, како што се изразил Карлсон – „угнетеното муслиманско население“. Тако је говорио и Вучиќ.

Овде вреди да се напомене дека, Сакс, кој имаше улога на економски советник на владите во Латинска Америка, Источна Европа и поранешниот Советски Сојуз, во 2013 година, на состанок во Белград, на тогашниот претседател на српската влада, Александар Вучиќ му ги понудил своите совети за српската економија, вест која тогаш ја објавиле неколку македонски медиуми, a коja подоцна, од непознати причини, ја снема од нивните веб страни.

 

Од истото интервју, овие портали, како експертската изјава (интегрално пренесена) на Сакс некритички и без докази од трета, независна страна го пренесуваат неговото тврдење дека ни следи и друга пандемија, зашто производството на вештачки вируси во био лабораториите не е запрено. Тука секако мисли на оние во САД, адекватно на неговата антиамериканска, антизападна и проруска агенда.

Секако, во меѓувреме, изјавите, колумните и статии на и од Џефри Сакс, на разни анти НАТО, антизападни и теми поврзани со руската агресија врз Украина се пренесуваат некритички на страниците на дел од македонските портали. Така, одредени портали ги пренесуваат тврдењата на Сакс дека САД згрешиле за Путин и војната во Украина, и го обвинува проширувањето на НАТО како причина за војната во Украина.

Карактеристично за сите портали  е што при преземањето на изјавите од Џефри Сакс, тие се објавуваат интегрално, некритички и непотврдени, ниту од другата инволвирана страна, ниту од трет, независен извор.

И секако, „брутално искрената нова вистина“ на Џефри Сакс македонските медиуми според вообичаената пракса ја објавуваат во содејство со колегите од медиумите од соседна Србија.

Со свои камења по сопствената глава

Иронично, но серија текстови на Сакс се објавуваат на медиум кој во дисклејмерот наведува дека веб-страница е изработена во рамки на проект „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија (Користи факти)“, кој се реализира од Институтот за комуникациски студии, и е финансиран со пари од земја-членка на НАТО, кое тој го обвинува за војната во Украина. Тука тој непречено, брз проверка на факти, ниту со поткрепа на изјави или потврди од засегнатата или независна трета старана, ги ламентира своите видувања и ширејќи руски пропагандни наративи пишува дека  Украина е уништена на бојното поле, со трагични и ужасни загуби ( го споменува тука, и исто така го оправдува намалувањето  на американската финансиска поддршка за Украина, под притисок на  Републиканската партија, за среќа во меѓувреме надминато), тврди дека  Русија победува во војната, а Украина се соочува со ризик од економски, демографски и воен колапс,

Понатаму, во истиот тој медиум, се пренесува колумна на Сакс каде тој вели дека Велика Британија ги советува САД да ја ескалираат состојбата, затоа што Британија е заглавена во своите империјални возбудувања од 19 век, и заговара Русија и Украина би се договориле за новите граници, во кои Крим во кој мнозинството од населението се Руси и областите во источна Украина во кои мнозинството од населението исто така се Руси, ќе останат дел од Русија, а претседателот Џо Бајден треба веднаш да го информира претседателот Владимир Путин дека САД ќе го прекинат проширувањето на НАТО кон исток доколку и Бајден треба да се согласи да преговара за безбедносен аранжман сличен на оној (иако без прецизни детаљи) на предлозите на претседателот Путин од 17 декември 2021 година, дури, самоуверено додава дека Бајден глупаво одбил да преговара со Путин во декември 2021 година, и сосема неаргументирано тврди дека сега е време да се преговара.

Овде очигледно, повторно отсуствува проверката на факти за спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија, како што пишува во дисклејмерот под текстот.

Исто како и во текстот каде Сакс тврди дека тешката ситуација во Украина е резултат на прокси-војната која, според него, започнала пред девет години, кога американската влада го поддржа соборувањето на претседателот на Украина Виктор Јанукович. Гревот на Јанукович од американска гледна точка беше неговиот обид да ја одржи неутралноста на Украина и покрај желбата на САД да го прошири НАТО со вклучување на Украина.

И случајно или не, неговото тврдење сосема кореспондира со руските пропагандни наративи на највисокиот руски дипломат и истакнат пропагандист, Сергеј Лавров, кој тврди дека НАТО, помагајќи и да се одбрани, ја користи Украина како посредник во прокси војна со неговата земја што може да ескалира во глобален конфликт со нуклеарно оружје.

Кој е всушност, Џефри Сакс

Освен како што го претставуваат медиумите кои ги користат неговите услуги за своите агенди: универзитетски професор и директор на Центарот за одржлив развој на Универзитетот Колумбија, претседател на мрежата за решенија за одржлив развој на ОН, копретседател на Советот на инженери за енергетска транзиција, член на академијата за општествени науки во Ватикан, Комесар на Комисијата за развој на ОН за широкопојасен интернет, почесен професор на Универзитетот Санвеј и застапник за SDG за генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, како и поранешен специјален советник на генералните секретари на ОН, Кофи Анан, Бан Ки-мун и Антонио Гутереш, а на Википедиа стои и дека бил економски советник на владите во Латинска Америка, Источна Европа и поранешниот Советски Сојуз, сознанијата до кои дојде ЦИВИЛ Медиа укажуваат и другата страна од неговата кариера.

Сакс стана интересен за светската јавност кога во 1985 година, како 31-годишен владин советник во Боливија, стави крај на високата инфлација за само една година, од 24.000 проценти на девет проценти, по што ги доби прекарите „економски тинејџер“ и „професор во фармерки“.

Сепак, по три години консултации, меѓу 15.000 и 27.000 државни службеници и работници во Боливија останаа без работа.

Сакс беше ангажиран и од премиерот на тогашната СФРЈ, Анте Марковиќ за да ја заузда хиперинфлацијата, за потоа да ги советува Словенците, Полјаците и Русите да ги претворат социјалистичките економски системи во капиталистички. Полските аналитичари честопати истакнуваат дека транзицискиот успех на Полска започна дури кога Сакс си замина.

Во дополнение на споменатата изјава за ЦИВИЛ Медиа на Едвард Џозеф од почетокот на текстот, тој за Сакс и неговите гледишта за НАТО изнесени во интервјуто со Такер Карлсон вели:

„Покрај сето тоа, малкумина Американци знаат кој е Џефри Сакс. Значи, не знам зошто некој во Северна Македонија обрнува внимание на ова интервју, прашува Џозеф.

Едвард Џозеф Фото: Д. Мишев / ЦивилМедиа

Второ, како што вели Џозеф, аргументите што Сакс и Карлсон ги изнесуваат не се нови или интересни. Сакс веднаш ја изјавува истата стара теза за проширувањето на НАТО што ја направија и други, како Џон Миршајмер од Универзитетот во Чикаго. Сакс тврди дека американската влада го следела советот на Збигњев Бжежински и го проширила НАТО како средство за контрола на Евроазија.

Според Џозеф, тоа би било вест за претседателот Бил Клинтон, бидејќи Бжезинкси не беше во администрацијата на Клинтон или во администрацијата на Буш или во администрацијата на Реган. Тој беше советник за национална безбедност уште кога претседателот Картер беше на функцијата во 1970-тите. Можете да бидете сигурни дека советниците на Клинтон, Ентони Лејк, Ворен Кристофер и Медлин Олбрајт беа доволно сигурни да донесат свои одлуки без да бараат совет од Збигњев.

Дали треба да кажеме и дека Медлин Олбрајт го слушала Бжежински во 1999 година кога НАТО интервенираше на Косово? Навистина?

Трето, како што вели Едвард Џозеф, целиот „аргумент за заговор“ за проширувањето на НАТО е погрешен, што може лесно да се докаже, како што истакна предходно во неговата статија за Национален интерес од 2014 година: Проширување на НАТО: Изворот на гневот на Русија? „Проширувањето на НАТО не беше ниту антируски заговор ниту средство за западот да ја поткопа Москва.

Џозеф дообјаснува дека администрацијата на Клинтон првично не сакаше да го прошири НАТО. Наместо заговор за опкружување на Русија, Клинтон конечно се согласи да го прошири НАТО затоа што првите три нови членки – Чешка, Унгарија и Полска – плус другите земји во Источна Европа беа категорични за приклучување.

Би сакал вашите читатели да застанат и да постават неколку прашања: дали на Полска и требаше охрабрување за да влезе во НАТО? Или на претседателот Клинтон му требаше охрабрување за да дозволи Полска (и нејзините соседи) да се приклучат на Алијансата? Зошто претседателот Клинтон наеднаш би сакал да ја „заокружи“ Русија и да ја „преземе“ Евроазија, кога Русија беше толку слаба?, прашува Џозеф и додава: Ако е точно, како што вели Карлсон (лажно), дека Русија нема територијални амбиции, тогаш зошто земјите како Полска, Чешка и Унгарија – заедно со речиси цела Источна Европа – би имале таков страв од Русија?

Џозеф во продолжение порачува секој во Северна Македонија кој ја турка оваа теорија на заговор за проширување на НАТО или го турка интервјуто Сакс-Карлсон треба да се соочи со тие прашања.

Заклучокот, според Едвард Џозеф е следниот:

„НАТО беше проширен затоа што источноевропските земји имаа горчливо искуство со руската доминација – и сакаа да бидат сигурни дека никогаш повеќе нема да мора да се плашат за својот суверенитет.“

Дополнително, Хедер Роберсон, магистер по човекови права на Универзитетот Колумбија со сертификат за напредни студии од Институтот Хариман, најстариот истражувачки институт посветен на проучувањето на Русија и Источна и Централна Европа и  коавторката на графичкиот роман од 2009 година, „Македонија: Што е потребно за да се запре војната“ која ја проучуваше имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, во изјава за ЦИВИЛ Медиа вели:

„Ако ја погледнете кариерата на Џефри Сакс со текот на времето, тој отсекогаш имал многуцврсти убедувања, тврдејќи дека поседува посебни информации што малкумина ги поседуваат потпирајќи се на целосна доверба во сопствената анализа. Кога имаше триесет години, вети дека ќе ја сврти хиперинфлацијата во Боливија за еден ден, препорачувајќи политики за шок-терапија што уништи милиони, особено оние кои веќе беа сиромашни. Во Русија, Сакс остана крајно уверен дека неговата шок-терапија ќе даде резултат, а сега знаеме дека таа предизвика дестабилизација, сиромаштија, слабеење на демократските институции, разоткривање на социјалното ткиво и огромната економска нееднаквост што сè уште ја гледаме денес.

Хедер Роберсон

Според Роберсон, после тоа се чинело дека Сакс се оградува, оградувајќи со исто толку во убеденоста против САД и ЦИА за мешање во работите на другите земји.

Сега, како што вели таа, тој ги изнесува своите многу силни мислења и наводна експертиза за нападите во Украина, тврдејќи дека разбира што се случува зад сцената на начин што никој друг не може.

„Јас вообичаено не би се вклучила во лични напади како овој, но мислам дека е многу важно да се биде внимателен кон луѓето кои тврдат дека поседуваат привилегирани информации и експертиза за толку широк спектар на теми и региони како што тврди Сакс. Овие личности кои се чини дека знаат сè за сè можат да бидат примамливи, но само почекајте. На крајот тие ќе почнат да зборуваат на тема за која Вие сте експерт, а дури потоа ќе видите колку тие не знаат. Дури и да зборувам за неговиот пристап кон Боливија и економските теории за кои тој тврдеше дека го инспирирале, можам да кажам дека тој всушност не ги читал, бидејќи дејствувал против нивните најосновни премиси“.

Во продолжение, во однос на Русија и Украина, Хедер Робертсон вели:

„Во однос на Русија и Украина, јас сум Американка и еден од омилените моменти ми е да ја критикувам сопствената земја. Поминувам многу повеќе време на тоа отколку што некогаш размислувам за Владимир Путин.

Низ годините таа сретнала многу Американци скептични за американската надворешна политика, вклучително и луѓе кои професионално работат на спроведување на таа политика.

„Така, јас го разбирам инстинктот да го направам тоа, и тоа може да биде многу продуктивна активност., вели Хедџер, но, како човек со две очи, не ми е тешко да видам, во однос на Русија и Украина, од која страна е напаѓачот, а која се брани. Не ми е тешко да видам која страна на најбрутален начин киднапира деца и ги уништува животите на луѓето“.

Отворено писмо од колегите против изјавите на Сакс

Со гледиштата на Џефри Сакс не се согласуваат ниту неговите колеги од академската заедница, вклуќително и неколку професори од неговиот универзитет.

Отвореното писмо , во кое се осудуваат изјавите на Џефри Сакс, професор по економија и директор на Центарот за одржлив развој, за тековната руско-украинска војна, како што објави Сolumbia Ѕpectator,  најголемата медиумска група на Универзитетот Колумбија управувана од студенти, собра стотици потписи, вклучувајќи ги и оние на седум професори по економија од Колумбија и еден кандидат за доктор на науки.

Писмото, кое собра 311 потписи до недела навечер на 7 април, го напишаа „Економисти за Украина“, глобален колектив на економисти и академици кои работат на ставање крај на руската инвазија и обнова на Украина. Тоа беше објавено на 20 март од Јуриј Гордниченко, професор по економија на Универзитетот во Калифорнија, Беркли, на блогот Беркли.

Писмото идентификува пет повторливи обрасци во текстовите на Сакс на неговата лична веб-страница: негирање на агенцијата на Украина, идејата дека НАТО ја испровоцира Русија, негирање на суверениот интегритет на Украина, туркање напред на мировните планови на Кремљ и претставување на Украина како поделена земја.

Војчех Копчук, професор по економија и меѓународни и јавни работи кој го потпиша писмото, во изјава за Спектатор напиша дека е поттикнат од повикот за акција како економист кој се грижи за војната во Украина. Дополнително, Копчук напиша дека не сака да биде поврзан со гледиштата на Сакс како колега економист од Колумбија.

„Да се ​​има екстремно истакнат член на економската професија често и јавно зборува за конфликтот на начини што ја игнорираат украинската агенда, ја повторуваат руската пропаганда, дезинформираат и директно се ангажираат со санкционираните руски пропагандисти… ме навредува доволно за да оправдам да зборувам за тоа“, напиша Копчук.

Брендан О’Флаерти, професор по урбана економија, исто така го потпиша отвореното писмо во кое ги осудува коментарите на Сакс за руско-украинската војна со надеж дека отвореното писмо ќе даде до знаење дека многу економисти не се согласуваат со Сакс.

„Сосема е соодветно економистите од Колумбија да не се согласуваат едни со други“, напиша О’Флаерти во изјавата за Спектатор. „Така би требало да бидат универзитетите“.

Спектатор, за разлика од погоре посочените македонски медиуми, ја зема предвид и втората страна, објавувајќи ја изјавата на Џефри Сакс, кој, и покрај сè, останал на своите тврдења во врска со руско-украинската војна, како што потврдил самиот во изјава за Спектатор и дополнително, останува цврст на својот став дека „проширувањето на НАТО не беше на маса“ за Украина. Сакс ги поканува заинтересираните луѓе да ги прочитаат неговите есеи за руско-украинската војна.

„Писмото погрешно ја прикажува мојата позиција како некој против Украина“, напиша Сакс. „Ова е многу длабоко недоразбирање и спротивно на мојата позиција“.

О’Флаерти рече дека се надева дека ќе види повеќе дискусии на кампусот за војната во врска со пречекот на повеќе бегалци, особено научници, од Украина. Отвореното писмо нагласува дека единствен глас во врска со руско-украинската војна не постои и наместо тоа ги истакнува несогласувањата во академските кругови.

Можеби македонските медиуми се толку импресионирани од богатата биографија на Џефри Сакс што им е сервирана, па не побараа дополнителни информации за текот на неговата академска кариера од други извори. А денес проверката е толку лесна, потребни се само неколку клика и општо познавање странски (англиски) јазик. Ако се сака, се разбира. Или ако е дозволено?

Се надеваме деа со овој текст ви откривме барем дел од непознатите информации за Џефри Сакс, оние кои медиумите ги сокрија на темната страна на месечината.

Сепак, и Сакс, Такер, Скот Ритер, Оливер Стоун и сличните на нив, со нивното антиамериканско и антизападното делување и критиките кои ги упатуваат кон американската демократија, само ги докажуваат придобивките кои ги уживаат од западите демократски вредности, нешто што е незамисливо од другата страна, кај нивните омилени Путин и Русија, каде и најмалото несогласување со властите може да донесе апсења, тепање, затвор, труење, „ненадејна’ смрт, шудни самоубиства, а само среќниците завршуваат во егзил на Запад.

Драган Мишев
Извор: Цивил

Back to top button
Close