Египет ја поздрави одлуката на Трамп да не бара од Палестинците да ја напуштат Газа

Eгипет денеска ја поздрави одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп, кој рече дека нема план за евакуација на Палестинците од Газа, соопшти египетското Министерство за надворешни работи.

Вчера, за време на средбата во Белата куќа со ирскиот премиер Мајкл Мартин, Трамп рече дека „никој не ги протерува Палестинците од Газа“, пренесоа британските медиуми.

„Оваа позиција го одразува разбирањето за потребата да се спречи натамошно влошување на хуманитарната ситуација во Газа и важноста од изнаоѓање праведни и одржливи решенија за палестинското прашање“, се наведува во соопштението на египетското Министерство.

Трамп претходно предложи САД да ја преземат контролата врз Газа, која претрпе сериозно уништување од израелската воена офанзива во последните 17 месеци.

Тој исто така предложи Палестинците од Газа да бидат трајно раселени.

На почетокот на март, арапските лидери го одобрија египетскиот план за обнова на Газа од 53 милијарди долари, кој не вклучува трајно раселување на Палестинците.

Back to top button
Close