Египет: Дваесет и двајца исламистички борци осудени на бесење

Египетски суд денеска осуди 22 исламистички борци на смрт со бесење за 54 напади, вклучително и обид за атентат врз поранешен министер за внатрешни работи, изјави судски извор за Франс прес, пренесува БГНЕС.

Мажите се прогласени за виновни за извршување на 54 „терористички операции“ во Египет, вклучувајќи го и убиството на висок полицаец и обидот за атентат врз поранешниот министер за внатрешни работи Мохамед Ибрахим.

Егзекуциите на цивилите во Египет се вршат со бесење. Меѓу осудените на смрт е и поранешен полицаец, а казните не можат да се обжалат.

Дваесет и двајца осуденици беа прогласени за виновни дека биле членови на групата Ансар Беит ал-Макдис, која се заколна на верност на терористичката група Исламска држава во 2014 година.

Касациониот суд, највисокиот апелационен суд во Египет, исто така, ги потврди казните на 118 други во истиот случај, кои се движат од неколку години до доживотен затвор.

Египет, најнаселената арапска земја, се наоѓа на трето место по број на егзекуции во светот, по Кина и Иран, според Амнести интернешенел. Во 2020 година, египетските власти егзекутираа најмалку 107 лица.

Back to top button
Close