ЕХФ Европска лига: Вардар 1961 со победа над Тулуз го завери првото место во групата

Ракометарите на Вардар 1961 вечерва во Скопје го совладаа француски Тулуз со 37-35 и како првопласирани во групата Ф се пласираа во главната фаза во Европската лига на ЕХФ.

Натпреварот во СРЦ „Јане Сандански“ беше резултатски израмнет до финишот на првиот дел, кога во самата завршница при водство на Вардар од 16-15, Тулуз постигна три голови во серија и замина на полувреме со предност од 18-16.

По десет минути игра во второто полувреме, Вардар со серија од три голови се врати во водство кое го зачува до крајот на натпреварот.

Јака Малус со девет и Дмитро Хориха со осум голови беа најефикасни во редовите на Вардар 1961, додека Васил Гогов запиша 12 интервенции на голот.

Ракометарите на Вардар 1961 во главната фаза ќе пренесат два бода, идентично како и Кристијанштад, кој вечерва го совлада хрватски Сесвете на домашен терен со 28-27 и го освои второто место во групата.

Натпреварите од главната фаза, во која 16 тимови ќе бидат поделени во четири групи, ќе стартуваат на 17 февруари идната година.

Back to top button
Close