ЕК ја вклучи Русија на листата на земји со проблеми во борбата против перењето пари и финансирањето тероризам

Европската комисија (ЕК) соопшти дека ја вклучува Русија на листата на земји со стратешки недостатоци во борбата против перењето пари и финансирањето тероризам.

Во јули, ЕК донесе одлука до крајот на годината да процени кои земји надвор од листата може да бидат додадени. Комисијата направи техничка оценка, вклучувајќи и врз основа на информации од отворени извори, од службите на земјите од ЕУ и Европската служба за надворешно дејствување. Заклучокот е дека Русија ги исполнува барањата за одредување како високоризична земја.

„Комисијата презема мерки за зачувување на интегритетот на финансискиот систем на ЕУ, додавајќи ја Русија на листата на високоризични јурисдикции со стратешки недостатоци во борбата против перењето пари и финансирањето тероризам“, се вели во соопштението. Субјектите од ЕУ, опфатени со законодавството за борба против перењето пари, се должни да применуваат засилена будност при трансакции што ги вклучуваат овие јурисдикции, додава ЕК.

Денешната одлука на Комисијата ќе стапи во сила доколку нема приговори од Европскиот парламент и Советот на ЕУ во рок од два месеца.

Претходно денеска, Комисијата предложи прекин на увозот на гас од Русија во следните месеци, како и запленетиот руски имот во ЕУ да ѝ биде даден на заем на Украина.

Back to top button
Close