ЕК бара забрзани реформи и исполнување на обврските за пристапување на Македонија кон ЕУ

Во најновиот извештај за напредокот на Македонија, се нагласува потребата за интензивирање на реформите поврзани со Европската Унија, зајакнување на довербата во правосудниот систем и исполнување на обврската за комплетирање на уставните измени.

Извештајот исто така подвлекува дека земјата треба со добра волја да ги спроведува билатералните договори со соседните земји, како што се Договорот од Преспа и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Во контекст на пристапниот процес, се потсетува дека првата Меѓувладина конференција ЕУ – Северна Македонија, со што се означи официјалниот почеток на преговорите за членство, се одржа во јули 2022 година, а дека скрининг процесот по сите шест кластери беше завршен во декември 2023 година.

– „Северна Македонија мора да продолжи со реформите во клучните области, особено во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал. Корупцијата мора да се решава со несмалена посветеност, со досие кое ќе ја опфаќа истрагата, гонењето и конечното осудување на случаи на високо ниво,“ се наведува во Предлог-извештајот.

Дополнително, се истакнува дека Северна Македонија претставува позитивен пример за мултиетничко општество.

Во минатогодишниот извештај, Европската Комисија го нотираше нарушувањето на работата на Собранието поради политичката поларизација, злоупотребата на „европското знаменце“ при носење на закони, неусвојувањето на уставните измени, отсуството на реформа во јавната администрација, лошата состојба во затворите, честите напади и закани кон новинарите и недостатокот на напредок во судството и борбата против корупцијата.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува извештајот да биде сличен на претходниот, со одредени подобрувања во некои области.

– „Извештајот опфаќа период од десет месеци од претходната влада и техничката влада, како и два месеци од актуелната влада. Овој пат извештајот е скратен за да биде прегледен за граѓаните и јавноста. Очекувам да биде сличен на минатиот, со можни подобрувања во одредени области,“ рече Мицкоски.

Секоја година, Европската комисија усвојува и презентира Пакет за проширување кој објаснува политика за проширување на ЕУ и прави годишен преглед на напредокот на земјите кандидати и потенцијални кандидати, предизвиците со кои се соочуваат и реформите што треба да ги спроведат.

Back to top button
Close