ЕК: Да се работи на дигитална трансформација и на јакнење на институционалните капацитети

Северна Македонија е умерено подготвена во дигиталната трансформација и медиумите. Постигнат е ограничен напредок, а бавно се зголемува бројот на електронските услуги за граѓаните и бизнисот, наведува Европската комисија во Извештајот за напредокот на државава во евроинтеграциите.

ЕУ, се потенцира во Извшетајот, го поддржува непреченото функционирање на внатрешниот пазар на електронски комуникации, електронска трговија и аудио-визуелните услуги. Правилата ги штитат потрошувачите и ја поддржуваат универзалната достапност на современи услуги, порачува ЕК.

Со оглед дека минатогодишните препораки се делумно исполнети, како што вели Комисијата, за претстојната година е потребно да се финализира и усвои долгорочната стратегија за информатичка и комуникациска технологија, како и да се работи на усогласување на националното законодавство со Европскиот кодекс за електронски комуникации и Директивата на ЕУ за намалување на трошоците за широкопојасен интернет. Исто така, да продолжат напорите за усогласување на националното законодавство со ЕУ директивата за безбедност на мрежни и информациски системи и на т.н. 5G прирачник.

Европската комисија укажува на потребата од зајакнување на капацитетите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Јавниот радиодифузен сервис и на Агенцијата за електронски комуникации.

Како што наведува Комисијата, во тек на извештајниот период Северна Македонија продолжи успешно да учествува во Дигитална агенда за Западен Балкан и во целосната имплементација на Договорот за регионален роаминг. Посочува и дека беше усвоена правната рамка за подзаконските акти за безбедносните одобренија за инсталирање на 5G опрема од страна на операторите, Националната стратегија и акцискиот план за градење отпорност и соочување со хибридни закани и е потпишана Декларација за иднина на Интернетот, која ги поставува визијата и принципите на доверлив Интернет.

Го поздравува и воведувањето на Европскиот број за итни повици 112, но укажува на потребата од подобрување на неговото функционирање и на комуникацијата помеѓу службите за итни случаи.

Во областа на електронските комуникации и информатичка технологија, упатува на податоците дека 77,92 проценти од вкупниот број домаќинства во 2021 година имале пристап до фиксен широкопојасен интернет, додека покриеноста со широкопојасен интернет на целата држава изнесувала 99,48 проценти. Мобилен широкопојасне интернет користеле 75, 83 проценти, а пристап до ултрабрз широкопојасен интернет 2,32 проценти од вкупниот број домаќинства. ЕК потсетува и дека Агенцијата за електронски комуникации додели фреквенции за 5G на двата мрежни оператори и укажува постојната законска рамка за електронски комуникации треба дополнително да биде усогласена со ЕУ регулативата.

Останува загриженоста за независноста на регулаторот за електронски комуникации. Исто така, се истакнува да се усогласат со европското право постојните закони за електронски комуникации и за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Во однос на заштитата на конкуренцијата, се споделува дека Комисијата за заштита на конкуренцијата иницираше ревизија на тендерската процедура за 5Г што ја спроведе АЕК во ноември лани, врз основа на намалени цени за потенцијалниот оператор на пазарот, но оти по неколку месеци постапката беше повторена.

Во однос на Владата и Министерството за информатичко општество и администрација, Европската комисија смета дека е потребно вложување поголеми напори кон дигитална трансформација во државата. Во тој поглед се истакнува дека треба да биде усвоена долгорочна стратегија за ИКТ за периодот 2021-2026 година и да се развива дигиталната писменост низ целото општество.

Националната платформа uslugi.gov.mk. , стои во извештајот, е надградена и има незначително зголемување на бројот на регистрирани корисници и услуги, поради што треба да се направат дополнителни чекори.

Користењето на системот за интероперабилност сè уште е попречено од недостиг на комуникациски софтвер во многу институции, и на волја за целосно искористување на можностите. Потребно е постојано синхронизирање на националниот регистар на населението со другите регистри на државните институции.

Во однос на аудио-визуелната политика, Комисијата потсетува дека Собранието дополнително го одложи именувањето на членовите на регулаторот за медиуми и Советот на јавниот радиодифузен сервис, во согласност со Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги.

Според Европската комисија, Владата го задржала дискрециското право при распределбата на средства кон регулаторот АВМУ, јавниот радиодифузен сервис Македонска радио телевизија и кон ЈП Македонска радиодифузија. Со тоа, трите институции не го добиваат законски пропишаниот износ, односно, наместо еден процент, Владата одвоила само 0,59 проценти од буџетските средства, со што се остава простор за влијанија врз нивната работа.

-Медиумите продолжија да добиваат поддршка како дел од мерките насочени кон ублажување на ефектите од пандемијата Ковид-19. Распределба на државни средства за радиодифузниот сектор, обезбедување на буџетот за јавниот радиодифузен сервис, медиумскиот регулатор и радиодифузното јавно претпријатие, е понатаму намалена во 2021 година, достигнувајќи 0,59 проценти од вкупните приходи остварени во годината пред фискалната година за која е пропишан износот. Јавниот сервис доби дополнителни финансирање, со што незначително се зголемува неговиот процент. Законот дефинира постепено зголемување, до 0,8 проценти во 2019 година, до 0,9 проценти во 2020 година, еден процент од 2021 година. Сепак, Владата го задржува дискрециското право при распределбата на средствата условувајќи ги издвојувањата да не да ја наруши правичната распределба на буџетските средства, стои во Извештајот.

Комисијата како позитивни ги истакнува активностите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) за промовирање на медиумската писменост, родовата еднаквост, како и во осудата на притисоците и заканите врз новинарите и медиумите. Позитивно се гледа и кон транспарентноста на овој регулатор, во однос на регистрите на радиодифузерите и печатените медиуми. Се нотира отсуството на законска регулација на онлајн медиумите во делот на објавувањето информации за сопственоста и немањето на регулација.

Back to top button
Close