ЕК: Добрососедските односи суштински дел од процесот на ЕУ-интеграција

Добрососедските односи и регионалната соработка се суштински дел од процесот на европската интеграција на Северна Македонија и придонесуваат за стабилност, помирување и клима погодна за решавање на отворените билатерални прашања и наследствата од минатото, се наведува во овогодинешниот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјава, во делот на добрососедските односи и регионалната соработка.

Државата, наведува ЕК, генерално одржува добри билатерални односи со останатите земји кандидатки како и со соседните земји на ЕУ.

-За време на периодот на известување, односите со Бугарија се фокусирани на надминување на нерешените билатерални прашања, што го отворија патот за почеток на процесот за пристапување во ЕУ. Билатералните договори се интензивираа, вклучително неколку состаноци и посети на високо ниво. Двајцата премиери се сретнаа во Софија, по трагичната автобуска несреќа во Бугарија во ноември во 2021 година, стои во Извештајот на ЕК.

Во јануари 2022 заедничка седница меѓу двете влади се одржа во Софија, за време на која беа формирани работни групи, фокусирани врз економијата, трговијата и иновациите, инфраструктурата и поврзувањето. Натаму, европската интеграција и зелените политики, културата, науката и образованието, како и дополнителна работна група за билатерални теми.

Извештајот потсетува дека по состаноците на неколку работни групи се потпишаа неколку договори за соработка, вклучително во земјоделството, транспортот, претприемништвото, образованието, младите и спортот, како и туризмот.

Имаше и декларација за намалување на тарифите со роаминг меѓу двете земји. Уставните судови на двете земји одржаа состанок во Скопје во мај 2022 и потпишаа Меморандум за соработка.

-Мултидисциплинарната експертска комисија за историски и образовни прашања одржа неколку средби за време на периодот на известување. Беше потпишан билатерален протокол на состанокот одржан на 22 јули 2022 година на Заедничката меѓувладина комисија, формирана согласно членот 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, стои во Извештајот.

Соработката со Грција, продолжува ЕК во својот Извештај, се интензивираше во неколку области од заеднички интерес. Претседателот на земјата беше во официјална посета на Грција во октомври 2021, каде се сретна со грчкото раководство. Министерот за надворешни работи се сретна со алтернативниот министер за европски прашања по самитот ЕУ-Западен Балкан.

-Во Атина се одржа седмиот состанок на Мешовитата експертска комисија за археолошки, историски и образовни прашања. Во мај 2022 година, премиерот присуствуваше на церемонијата за означување на почетокот на градежните работи за терминал за течен гас во Александрополис, заедно со премиерите на Грција и на Бугарија, како и претседателот на Србија. Шефот на грчката дипломатија го посети Охрид во јуни 2022 за да учествува на Преспа форумот за дијалог, се наведува во Извештајот.

Како што наведува ЕК во документот, билатералните односи со Албанија останаа добри, вклучително посети на високо ниво од двете страни. Беше потпишан Договор меѓу Владата на Северна Македонија и Советот на Министри на Албанија за заемно признавање на одобренија за овластен економски оператор за безбедност и сигурност (АЕОС). Во февруари 2022, беше отворен нов граничен премин меѓу Северна Македонија и Албанија.

Односите на земјата со Босна и Херцеговина продолжи да се подобрува во однос на развојот и соработката. Шефот на дипломатијата се сретна со заменик-претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, на маргините на Самитот на шефови на дипломатии од Западен Балкан што се одржа во Лондон во декември 2021 година. Премиерот се сретна со претседателката на Советот на министри на БиХ на маргините на Самитот за инвестиции на Западен Балкан.

Билатералната соработка со Косово е многу добра и неколку средби се одржаа на високо ниво. Парламентарниот спикер беше во официјална посета на Косово во март 2022 година. Претседателот на Северна Македонија ја посети Регионалната команда на КФОР – Запад, и припадниците на контингентот од Северна Македонија.

Билатералната соработка со Црна Гора остана добра. Министрите за информатичко општество и администрација и за образование и наука учествуваа на Четвртиот дигитален самит на Западен Балкан во Подгорица во октомври 2021 година. Вицепремиерот за европски прашања учествуваше на Форумот за интеграција на Балканот во Подгорица во 2021 година. Претседателот на Северна Македонија беше во официјална посета на Црна Гора во април 2022 година.

Извештајот на ЕК натаму наведува дека билатералната соработка со Србија е подобрена. Две средби се одржаа меѓу министрите за надворешни работи во периодот на известување. Договор за соработка за воспоставување на културно-информативни центри во Скопје и Белград беше потпишан во февруари 2022 година. Прв состанок на Комитетот за национални малцинства се одржа во февруари 2022 година. Српскиот премиер ја посети Северна Македонија во мај 2022.

-За време на периодот на известување, земјата комплетира неколку активности со Турција. Претседателот на Големото национално собрание на Турција два пати го посети Скопје и имаше средби со раководството на земјата. Градоначалникот на Скопје учествуваше на Самитот на балкански градоначалници во Истанбул, каде беше потпишана Декларација за соработка на балкански градови. За време на посетата беше потпишан и Меморандум за разбирање меѓу Академијата на судии и јавни обвинители со Судската академија на Турција. Меѓу двете земји беа потпишани и други меморандуми за соработка, стои во Извештајот.

Во однос на регионалните иницијативи, земјата продолжи да учествува во бројни регионални иницијативи за соработка, како Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА), енергетската заедница, транспортната заедница, Процесот за соработка во Југоисточна Европа (СЕЕЦП) и Регионалниот совет за соработка.

Заедничкиот регионален пазар е суштински за зголемување на привлечноста и конкурентноста на регионот. Тој ќе и помогне на Северна Македонија да го забрза закрепнувањето од последиците од пандемијата, особено за привлекување инвеститори, како и максимизирање на бенефитите од инвестициите во инфраструктурата во рамки на Економскиот и инвестицискиот план.

Повеќе важни одлуки за олеснување на движењето на работниците остануваат блокирани. Важно е сите страни да играат конструктивна улога во градењето на Заеднички регионален пазар и да исполнат заедничките обврски утврдени во акцискиот план.

Северна Македонија, Србија и Албанија бараат форми за продлабочување на регионалната соработка во бројни области, особено економската интеграција преку Иницијативата Отворен Балкан, имплементирајќи де факто некои елементи од Заедничкиот регионален пазар за којшто се уште нема постигнато формални договори меѓу страните. Четири самити на Отворен Балкан досега се одржани, за време на периодот на известување.

Во октомври 2021 година, Северна Македонија, заедно со останатите партнери од Западен Балкан, ја поддржаа Зелената агенда за Западен Балкан.

-Северна Македонија треба да придонесе за успешно имплементирање на заедничката регионална визија, ставајќи го одржливиот развој, ефикасноста на ресурсите, заштитата на природата и климатската акција во центарот на економските активности, се порачува во Извептајот.

Во него се наведува и дека во јуни годинава се одржа втора конференција на Преспа форумот за дијалог за иднината на Западен Балкан во модерната безбедносна архитектура, на која учествуваа регионални актери. Целта на форумот е да се промовира дијалогот, регионалната соработка, и добрососедските односи, заклучува Извештајот на ЕК во делот на добрососедските односи на земјава и регионалната соработка.

Back to top button
Close