ЕК ѝ наложи на мрежата Икс да ги зачува сите документи поврзани со објавувањето експлицитни содржини

Европската комисија ѝ наложи на социјалната мрежа Икс, во сопственост на Илон Маск, до крајот на годинава да ги зачува сите интерни документи и податоци поврзани со чет-ботот Грок, интегриран на платформата на која се објавуваат фотографии со голи жени и девојчиња.
Целта на мерката е да се обезбеди службите на Комисијата, кои ја продолжуваат истрагата против платформата на Илон Маск, да имаат пристап до тие документи доколку се појави потреба.
Портпаролот на Комисијата, Томас Рење, денеска изјави дека сликите на жени и деца без облека што се споделуваат на платформата Икс се „ужасни и незаконски“.
Чет-ботот со вештачка интелигенција на Маск, Грок, е преплавен со сексуализирани слики, претежно на жени, меѓу кои има и реални лица. Корисниците на платформата Икс се поттикнуваат да побараат од чет-ботот дигитално да ги „соблече“ тие лица, често во сугестивни пози. Во неколку случаи се појавија и слики на малолетници.
Европската унија на почетокот на декември ја казни мрежата Икс со 120 милиони евра поради кршење на Законот за дигитални услуги (DSA), и покрај повторените закани од американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја обвинува Унијата дека со своите закони во дигиталниот сектор ги дискриминира американските технолошки компании.






