ЕК препорача постапка против седум членки на ЕУ поради „прекумерен дефицит“
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, станува збор за Белгија, Италија, Малта, Полска, Словачка, Унгарија и Франција, за кои според Еврокомисијата постои оправдана основа за започнување постапка за „прекумерен дефицит“.
Согласно ваквиот предлог на ЕК, Советот на ЕУ треба да ја оцени неговата оправданост и доколку го прифати ќе треба да усвои препораки за прилагодување и краен рок до кој посочените земји треба да ја надминат состојбата со прекумерниот дефицит.
Услов за иницирање ваква постапка е доколку буџетскиот дефицит на една земја членка за претходната година и планираниот за тековната надминува три отсто од националниот БДП.
Според податоците на ЕК, Белгија лани имала буџетски дефицит од 4,4 отсто, колку што е предвидената стапка и за оваа година, во Италија ланскиот дефицит бил 7,4 проценти, а годинешниот е прогнозиран на 4,3 отсто, додека на Малта лани бил 4,9, а за оваа година е предвиден на 4,5 проценти. Во Полска минатата година дефицитот бил 5,1 отсто и се очекува да остане на исто ниво и во 2024-та, во Словачка се предвидува зголемување на дефицитот од ланските 4,9 на 6 проценти оваа година, во Унгарија лани стапката изнесувала 6,7 отсто, а годинава се прогнозира да достигне 4,5 проценти, додека во Франција за годинава се предвидува благо намалување на нивото на буџетскиот дефицит од ланските 5,5 на 5,3 отсто