ЕК: Србија сериозно доцни со реформите во судството, борбата со корупцијата, слобода на медиумите…

Србија сериозно заостанува во клучните области, а тоа се независноста на судството, борбата против корупцијата, слободата на медиумите, но и во домашните процеси за воени злосторства и борбата против организираниот криминал.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, ова се наведува во редовниот полугодишен извештај на Европската комисија (ЕК) за состојбата на владеењето на правото во Србија, како земја што е во процес на преговори за пристапување со Европската унија (ЕУ).

Овој таканаречен нон-пејпер документ е анализа на состојбата и напредокот во Поглавјата 23 и 24 (правосудство и човекови права) во пристапните преговори, што е клучно за натамошниот напредок во пристапниот процес.

-Владини службеници, некои на највисоко ниво, како и членови на парламентот, продолжуваат редовно да ги коментираат јавните расправии, тековните судски постапки, и поединци судии и обвинители. Написите во таблоидните весници се насочени со цел на дискредитација на членови на судството. Во некои случаи, судиите побараа ослободување од пресудите во случаи што вклучуваат локални политичари, повикувајќи се на притисок врз нив и нивните семејства, се наведува во документот.

Во извештајот на ЕК се посочува дека властите во Србија продолжуваат да обезбедуваат поддршка и јавен простор за осудени воени злосторници и дозволуваат говор на омраза.

Во нон-пејперот се потенцира дека Србија, вклучително и на највисоко државно ниво, продолжила јавно и континуирано да ги оспорува пресудите на Хашкиот трибунал, поради што се бара од српските власти целосно да соработуваат со Меѓународниот механизам за кривични судови.

Ситуацијата во секторите кои се особено ранливи на корупцијата, „останува во голема мерка непроменета“. Од секторите се навеедуваат- јавните набавки, инфраструктурни проекти, здравството, образованието, градежништвото и просторното планирање и јавните претпријатија.

ЕК бележи и продолжување на заканите, заплашувањата и насилството врз новинарите и се наведува дека во текот на првата половина на оваа година „забележано е неизбалансирано претставување на плурализмот на политичките погледи на јавните медиумски сервиси“.

Нон-пејперот го посочува и обидот на Владата на Србија да ги централизира информациите за време на пандемијата „ковид-19“ и апсењето, а потоа и продолжување на притисокот и заплашувањето на новинарката Ана Лалиќ.

Back to top button
Close