ЕК: Внимателно го користиме механизмот на условување со Западен Балкан

Извештајот на Европскиот ревизорски суд објавен вчера ја критикува Европската комисија затоа што недоволно ја користи можноста за суспензија на фондови со земјите од Западен Балкан кога не се почитуваат основните демократски начела. На барање на МИА да реагира на овој дел од извештајот, портпаролката на ЕК Ана Писонеро, објасни како постапува институцијата.

FILE PHOTO: European Union flags fly outside the European Commission headquarters in Brussels, Belgium, February 19, 2020. REUTERS/Yves Herman

-Европската комисија е внимателна во начинот на кој го користи инструментот за условување поради неговите бројни импликации, вклучително и прилагодувањето на финансиската асистенција во случај на значајно уназадување или траен недостаток на напредок, вели Писонеро за МИА.

Како што додава Писонеро земјите членки се консултираат во процесот на имплементација на претпристапните фондови, познати под акронимот ИПА.

Кога станува збор за проекти ситуацијата е јасна, вели портпаролката, ако еден услов не е исполнет или има постојан недостаток на напредок во приоритетна реформска област, не се исплаќаат парите. Таа го дава примерот за Босна и Херцеговина кога се ревидираше помошта за Високиот Совет на судии и обвинители. По ревизијата воведени се специфични одредници поради недоволниот напредок, овие одредници чекор по чекор претставуваа услови за добивање на помошта.

-Ако барањата не се исполнети фондовите може да се повратат или идни фондови од програмата да се пренасочат, објаснува Ана Писонеро.

Таа инсистира дека Комисијата „не се колебала кога имало јасно уназадување во однос на владеењето на правото во некоја земја да ја намали годишната сума за одредена земја како што сторивме со Турција под ИПА 2“, претпристапниот инструмент од претходната буџетска рамка на ЕУ.

За Турција конкретно алокацијата на фондовите е намалена од 2017 поради јасно уназадување на полето на демократските начела и владеењето на правото. Одлуката е донесена во согласност со Европскиот Парламент и Советот на ЕУ (земјите членки).

За периодот 2014-2020, на кој се однесува извештајот на европските ревизори, Писонеро вели дека регулативата имала стриктни клаузули за модулирање на помошта во случај на ограничен напредок и дека тие клаузули се користени од страна на Европската комисија како што покажуваат горенаведените примери.

Европската комисија вчера му се заблагодари на Европскиот ревизорски суд за забелешките и препораките како да се направи помошта на ЕУ за владеењето на правото на Западен Балкан поефикасна.

Ревизорскиот суд смета дека со новиот претпристапен инструмент и новите механизми на ЕК шансите се подобри ЕУ да успее да направи разлика во однос на владеењето на правото во регион, кое тапка во место две децении.

Back to top button
Close